Двата најголеми проблеми на Македонија се долгот на владата и државниот пензиски фонд. Овие два проблеми се создадени баш од досегашните политичари. Но, тоа е реалноста, која што човек може колку што сака да ја игнорира, но тоа не значи дека проблемите ќе исчезнат. А времето за измирување на сметките забрзано надоаѓа, имајќи ја во предвид наредната глобална криза. Можеме да продолжиме да ги игнорираме додека е тоа опција, но можеме и да се свртиме и соочиме со тие проблеми, вели Јованчо Спироски, инженер, успешен бизнисмен и кандидат за пратеник од партиjата Интегра во 5 Изборна единица. Во разговор за OhridNews тој го образложува коцептот за раздолжување на државата и инвестициите како решение за идниот развој на земјата.
ON: Кое е решението за долгот што го нуди Интегра?
J. Спироски: Во делот на долгот Интегра нуди решение со кое не се враќаат парите назад, ниту се оди банкрот, и парите што се должат се користат за економски раст. Решението е земено од корпоративниот сектор, бидејќи не само владите, туку и компаниите исто се судруваат со проблемот на долг. Но, компаниите го немаат луксузот на политичарите да ги зголемуваат даноците и давачките, и никогаш да не го враќаат долгот. Затоа мора да изнаоѓаат решенија, и во случајов конкретното решение е Debt to Equity Swap, што е всушност трампа. Во недостаток на пари, кога долгот доаѓа за наплата, компанијата ги трампа со инвеститорите сопствените акции за обврзниците. Значи основата е трампа, и соодветно модифицирана би било и полесно, и воедно и ефикасно да се примени на ниво на држава.
ON: Како?
J. Спироски: Како што е сега, владата (политичарите) трошат најмалку 600-800 милиони ЕУР, за нели “стимулирање” на економскиот раст, кој раст никако да го постигнат. Тоа се пари од капиталните инвестиции, разни субвенции за компаниите, трошења преку државни (кои што се фактички партиски) фондови, kako фондот за иновации.И најголем дел од тие пари така и завршуваат партиски, а не таму каде што треба. Е сега, со ова решение, политичарите нема веќе да се тие што решаваат како да се трошат. Како што доаѓа обврзницата од долгот за наплата, на инвеститорите наместо пари им се даваат ваучери. Преку овие ваучери им се дава можност на инвеститорите да инвестираат каде што сакаат во Македонија, во мали, средни, претпријатија, во капиталните инвестиции, или пак да ги стават во главниот Македонскиот инвестициски фонд (MAIN-Macedonian Investments) што е предвидено да се формира. Во било што по избор на самиот инвеститор, што би создавало дополнителна вредност во економијата. Евe пример, на компанија во земјава и се потребни нови машини, и како што е сега, тие парите ги бараат од банките, и тоа сo прилично релативно висока камата, а некогаш и не ги добиваат. Инвеститорот кој што го има ваучерот, се договора интерно со компанијата за тој да инвестира во компанијата во набавката на машините. За возврат, тоа обично функционира што инвеститорот добива дел од акциите од фирмата, а исто може да се јави и како кредитор (преку издавање) обврзница. Тоа е потполно оставено како ќе се договорат инвеститорот и компанијата. Ова е многу користен и ефикасен пристап до кој што компаниите доаѓаат до пари.
Откога меѓусебно се договориле, компанијата го добива ваучерот, и со тој ваучер доаѓа назад и кажува конкретно што му е потребно да набави, кои машини и од каде. И од парите предвидени, се купуваат машините и му се даваат на инвеститорот, кој потоа ги предава на компанијата. Значи се врши трампа на обврзниците (долгот) со машините. И со овој пристап, битната разлика е што нема веќе политичарите да се тие што ќе ги трошат парите, наводно инвестирајќи во економијата, како што е досега. Туку одлуката за трошење на парите за инвестирање во економијата ќе биде на самите оние чии пари се во прашање, и тие два пати ќе размислат како да се потрошат. И уште дополнителна предност со овој пристап е што се искоренува корупцијата во тој дел, не решаваат веќе политичарите.
ON: Зошто сега не функционира овој систем во економијата како што треба, а постојано слушаме од политичарите дека се инвестира во економијата?
J. Спироски: Залудно е да се очекува политичарите наеднаш да станат чесни и не крадат, и тие се луѓе, не се ангели. И воедно, и тоа да е случај (а не би било), политичарите ни приближно го немаат потребното искуство и знаење. И секако мотивација, бидејќи не се нивни парите што тие ги трошат. Останатите не инвестираат во доволна мерка бидејќи нема услови за тоа, нема слобода. Економијата е заробена баш од политичарите, бидејќи нивните празни социјалистички ветувања после изборите веднаш се соочуваат со предизвикот, од каде пари? И тоа практично се преведува во зголемување на даноците, акцизите и бројните други државни давачки, и секако зголемување на долгот. Притоа, едни иако намалуваат некои од даноците, тоа го компензираат со воведување дополнителни регулативи, и парите се влечат од таму преку разни други наплати, помеѓу кои се и казните. А други одат директно на зголемување на даноците, акцизите и други давачки. И сето тоа собрано делува дефлационо (го намалува) економскиот раст.
Значи за да биде уште поефикасно решението за долгот, а и независно од тоа, да се овозможи забрзан економски раст, се врши масовна дерегулација, проектот е наречен баш така, (MASSDEREG-Massive Deregulation). И ниту прогресивен данок, кој е дестимулирачки, ниту пак прогресивен, кој не стимулира, туку регресивен кој е стимулативен. Ако човек повеќе се труди и создава, плаќа помал процент, но пак повеќе во износ, бидејќи повеќе се заработува. Но, сепак помалку отколку со рамниот данок, и човек е стимулиран да заработи повеќе за помал процент да му се одземе, од 10% па надолу до 7%. Потоа прво намалување, а потоа укинување на бројните и прилично високи акцизи, укинување на увозните царини, укинување на ДДВ за увоз на опрема и суровини за обработка.
ON: И претходно и сега на овие избори има ветувања во поглед на намалувањето на даноците и давачките. Зошто досега не функционира ослободувањето на економијата, и зошто би функционирало во вашиот случај?
J. Спироски: Тука се доаѓа до третиот сегмент, сите три меѓусебно поврзани. И други иако ветуваат на некој начин делови од вториот сегмент, намалување на даноците, практично преведено, кога ќе се види поголемата слика, тоа не е случај. Контрадикторно е да се ветува намалување на државните давачки од една страна, а го зголемуваат буџетот од друга страна. Тука Интегра нуди спротивно, намалување на буџетот, за да е можен вториот сегмент, намалување на давачките. Има многу сегменти од буџетот каде што може директно да се изврши негово намалување. А воедно преку соодветни реформи, кои што се исто предвидени, во партиската администрација, локалната самоуправа, образованието, здравството.
И во третиот сегмент, намалување на буџетот, веќе ги слушам марксистите и нивното ширење на страв дека со тоа ќе пропаднела државата, ќе немало пари за сиромашните. Дека е оправдано политичарите да ги одземаат парите од тие што создаваат, нели во име на државата, во име на некаква си еднаквост, солидарност, фер, и други стандардни марксистички пропагандни лаги. А тоа ставено на тест во реалноста, јасно излегува на виделина марксистичкото мото, твоите пари се и мои, а моите се само мои. Сега скоро, за соочување со последиците од вирусот, предложената мерка за намалување на платите во партиската администрација беше дочекана на нож. И тоа баш од марксистите, кои што нели прокламативно се грижат за работните луѓе. А кој тоа го полни буџетот од кој што марксистите земаат плати, па работните луѓе, дел од кои што со затворање на економијата останаа дури и без работа.
И точен е делот на пропаѓањето, но не на државата, туку на партијата. Бидејќи со вакви мерки би се потиснувала и пропаднала државата во сегашен облик, каде што партијата е државата. Но, би се овозможило конечно вистинската држава да се појави, функционалната, онаа каде што носители на суверенитетот и прогресот се работните луѓе, а не политичарите и партиите.
ON: Каква е структурата на долгот сега и какво решение предлагате?
J. Спироски: За сервисирање на долгот, лани (2019) само за камати се плати над 132 милиони евра. Тоа не се пари кои што отидоа во изградба на патишта, болници, училишта, како што политичарите ветуваат пред секои избори, него во камати. Околу 40% од долгот е домашен, тоа се пари кои што владата им ги должи на работните луѓе. Преку решението за долгот, фактички делови од проектите би биле финансирани токму од работните луѓе. И ништо помалку важно, работните луѓе исто би учествувале во финансирањето на тие, и други проекти, преку пензиските и социјалните фондови, кои што би биле вистински инвестициски. А не како сега, каде што околу 60% од парите во двете пензиски друштва од вториот фонд, се отидени назад во долгот на владата, тоа се некаде околу 600 милиони ЕУР.
ON: Зошто не се оди на опцијата да се вратат парите од долгот директно?
J. Спироски: Во поглед на долгот, друга опција теоретски би била таа, а практичната е многу добро позната, банкрот на владите. Кога ќе се погледне воопшто во човечката историја колку земји го вратиле долгот, само една земја го направила тоа. Романија со Чаушеску во 80-те, но по цена на голема дефлација, фактички сиромаштија, која што го чинеше и живот на Чаушеску. За враќање на долгот, се зголемуваат даноците и другите давачки кон економијата, и со тоа таа се потиснува повеќе и создава помалку. Фактички крајниот резултат не е нешто различен, зголемување на сиромаштијата.
Со ова решение, парите што веќе се влечат од економијата, се враќаат назад во истата, и тоа на начин што вистински се поттикнува економскиот раст. И секако, се враќа и долгот, кое што враќање со текот на времето станува се полесно, бидејќи економијата создава повеќе. Крајната цел со решението е да се слезе долгот до нула, и да се избориме да влезе во Устав да нема веќе можност за задолжување, да се забрани тоа.
Вината за овој тип на проблеми се става на тие што го купуваат долгот, и се користат изрази од типот должничко ропство и слични. Но, тоа е погрешна адреса, тие испаѓаат уште и криви што ги дале парите и ги губат при банкрот. И во тие фондови се пари од луѓе, некои од нив пензиски, социјални. Зошто вината не се лоцира кај оние што вистински ја имаат, политичарите. Долгот на владите е катастрофален дизајн. Им се дава можност на политичарите да се задолжуваат во име на други, а тие да решаваат како да ги трошат парите. И воедно нема никаква одговорност тука, колку политички гарнитури, и соодветно министри за финансии поминаа, се задолжуваат, и си заминуваат после некое време, и го оставаат долгот што го направиле зад себе на некој друг.
ON: Каде е проблемот?
J. Спироски: Проблемот е во луѓето кои што се само во канцелариите (академиците, централните банкари без претходно искуство), наспроти оние што се секој ден во рововите (трејдерите, инвеститорите). Овие вторите ја разбираат економијата, бидејќи секој ден се со неа, директно. Додека првите работат примарно со претпоставки, кои што се базирани повеќе на желби отколку на како тоа функционира системот. Секој од Маркс наваму што се обидел да ја контролира економијата според пристрасни претпоставки, доживеал катастрофа.
Еве да се објасни поинаку, јас пример дизајнирам електронски системи. И сега ако тргнам од претпоставка дека можам да и кажам на струјата да оди јас како што сакам, тогаш ниту едноставно коло не би можел да дизајнирам. Не, туку пристапот е да се разбере по кои законитости, а не желби, се движи струјата, за да може да се дизајнира функционален систем. А и самите законитости, не е само да се научат, него да се разберат. Ако не се разберат, мала промена на еден од параметрите, и се остава простор системот да не работи стабилно, или да прекине да работи.
Дали ќе се подготвиме за да се соочиме со кризата што доаѓа, или ќе продолжиме да итаме директно кон центарот на невремето, зависи примарно од политичките одлуки. А од нас самите зависи на кого ќе му се даде таа доверба.
ON: Ги спомнавте инвестициските фондови, колку се тие безбедни?
J. Спироски: Овие инвестициски фондови не се од тие што шпекулативно тргуваат на берза, со „leverage“. И се побезбедни дури и од владините обврзници. Ако се споредат историски, владите не го враќаат долгот, а инвестициските фондови кои што инвестираат во економијата, не само што се ликвидни, него се и профитабилни. Ако нема фирми, тогаш едноставно нема економија. А додека има луѓе, ќе има и економија, бидејќи луѓето се тие што создаваат, разменуваат меѓусебно и трошат. А политичарите и владите не се тие што создаваат, него само трошат, и тој дел треба да се намали.
ON: Имаат ли реална можност помалите, вонпарламентарни партии, да освојат пратенички места на овие избори?
J. Спироски: Да се каже реално, независно од политичката опција, основата е интересот. И ние влегуваме да го браниме нашиот интерес, но тука се разликуваме. Нашиот интерес е слободата, да можеме да ги тргнеме марксистичките паразити, за да можеме слободно да работиме. Да не мора ние, или нашите деца да заминуваат. И тој е спротивен на нивниот интерес, да живеат на грбот од работните луѓе, цело време на буџет, на државни функции. И тие нема сами да си одат, ако не им се спротиставиме.
И така го имаат поставено изборниот систем, за да се обесхрабрат гласачите да гласаат за некој друг, освен двете досегашни партии на власт. Имаше иницијатива од СДСM за промена, но ВМРО ДПМНЕ го одби, не ни провери дали е вистинската намерата, или е само блеф на СДСМ.
Но, зошто тогаш тие очајно се трудат да го добијат гласот од работните луѓе, и не се потпираат само на гласовите од нивните партиски војски. Бидејќи гласовите од работните луѓе имаат поголема вредност, бидејќи тие гласови се тие кои што одлучуваат. А ако мнозинството се спротистави, тогаш нема сила, ниту систем кој што би го запрел тоа. Промените ќе дојдат, законите на економијата го имаат последниот збор. А од нас зависи какви ќе бидат тие промени.
Моментот носи, тоа што годината не го носи. Таков еден момент ќе е на 15 Јули, да се излезе и да се размисли кој број ќе се заокружи.
Г.М.