Во крвта и во гените му е кошарката. Во 82-та година животот легендата на југословенската и хрватската кошарка Јосип „Пино“ Ѓерѓа знае да облече патики и да одигра баскет со ветераните. Градот Охрид му е омилена дестинација во Македонија, а Скопје му буди емоции и спомени. Во разговор на терасата на ресторанот „Томато“ во центарот на Охрид, со Ѓерѓа зборувавме за кошарката во неговата Хрватска и регионот, која е причината за губењето на интересот за овој спорт и за многу интересни работи поврзани со Охрид и Скопје.
- Мотиви за играње кошарка? Во крвта и во гените ми е да се борам и натпреварувам. Се` додека можам да се мрдам ќе облечам патики и ќе играм кошарка. Исто така сакам да се дружам со кошаркарите од мојата генерација од помладите и оние кои сега играат. Ако седам дома и гледам кошарка немам никаков бенефит, туку вака помеѓу луѓето можеш да кажеш и помогнеш. – изјави на почетокот од разговорот популарниот Пино.
Градот Охрид му е омилена дестинација од Македонија, а Скопје му буди спомени поврзани со земјотресот кој го погоди главниот град 1963 година.
- Во Охрид доаѓам често, кога имам време или некој повод поврзан со кошарката. Најубавото доаѓање во Охрид ми беше пред 20-тина години кога се играше младинското европско првенство во кошарка. Тогаш дојдов со Лазар Лечиќ и уживавме во убавините на Охрид и квалитетот на кошарката која ја пружија младинците. За Скопје ме врзуваат емоционални спомени. Јас бев дел од армијата која беше задолжена за минирање на зградите кои речиси беа урнати од земјтросот. Многу луѓе од градот нам ни помагаа, ние им возвраќавме и така. Едни убави спомени на заедништво, но не и причини поради кои бев во Скопје. – додаде Ѓерѓа.
Почетокот на будењето на кошарката во поранешна Југославија не бил лесен, но предизвикот бил голем. Ѓерѓа, Радивоје Корач и Крешимир Чосиќ почнале од нула, а стигнаа до кошаркарските височини.
- Пред речиси 70 години кога јас почнував да играм во пионерска конкуренција Југославија беше на опашката во сите натпреварувања и со очаен квалитет. Единствено само со Албанија можевме да се надигруваме, а земјите од околу буквално си поигруваа со нас и губевме по трисеттина разлика. Неколку играчи почнавме со револуцијата на кошарката. Со работа и голема посветеност успеавме да ја всадиме кошарката кај луѓето, бидејќи за квалитет ти треба и избор на играчи. Полека, ја зголемивме масовноста и квалитетот дојде до израз. Почнавме да играме рамо до рамо со останатите селекции, а дојде време ние да се поигруваме и воопшто да не мислиме за победата, туку колкава ќе биде разликата. Тој континуитет се задржа долго време и добро се работеше во кошарката. Моментално, на исто ниво од тогаш е само Србија иако Словенија стигна до титулата на Евробаскетот. Србија и во следниве 2-3 години ќе игра финале, ќе биде дел од олимписки игри, а со Словенија тоа нема да биде случај. – истакна нашиот соговорник.
Ѓерѓа се осврна и на кошаркарската ситуација во Хрватска која според него е катастрофална. Дел од вината гледа во замешеноста во политиката, но најголем во луѓето кои ја водат.
- Во мојата Хрватска кошарката е во катастрофална состојба и на многу ниско ниво. На почетокот од 90-тите години кошарката беше спорт број еден, а сега се срамам да кажам дека сум играл кошарка со оглед на слабиот квалитет, почнувајќи од тренерите до играчите. Хрватска не може да се квалификува на Светско првенство во кое учествуваат 32 селекции, а ние и генерациите после нас играа на СП со 12 селекции. Од овој факт треба да се оцени колку е поразувачка ситуацијата во кошарката во Хрватска. Една од причината за падот на кошарката е политиката во која преовладува алчност, а не и добра намера да се направи нешто што ќе донесе напредок, радост и популаризација. Друга причина е лошата селекција на стручни кадри. Да не звучам безобразно, но тие не знаат ништо за кошарката. Што ти ќе го научиш некој, кога ти сам не знаеш? Што? Ништо! Затоа, ракометот ја потисна кошарката и да се „отепаш“ не можеш да најдеш деца на улица што играат кошарка. Им ја „убија“ желбата и волјата. – заврши Ѓерѓа.
За својот придонес во кошарката Ѓерѓа во 1994 година е награден со државно признание, а во 2014 година доделена му е награда за животно дело. Тој со својата екипа составена од ветарани од кошаркарскиот клуб Задар ќе биде дел од турнирот во Битола кој го организира клубот „Младост“.
Михаил Постоловски