Вљубениците во трчањето, забавата, дружењето и во градот Охрид имаат добитна комбинација во „Ohrid running weekend“, кој ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни. Подготовките за третото издание финишираат, а се ситнат деновите до почетокот на настанот кој веќе две години по ред го одбележува Охрид на спортски план. Во разговор за OhridNews, Јоне Станковски, претседателот на организациониот одбор на манифестацијата, открива како течат подготовките, целите на Охрид трчаТ, идејата за формирање Атлетски клуб, очекувањата и идните планови.
Одбројувањето за нас започна после завршувањето на последното издание на Охрид трчаТ. Охрид трчат е производ и плод на континуирана работа во текот на целата година и организациски и промотивно. Уште нецел месец имаме до третото издание на Охрид трчаТ и морам да признаам чувствуваме притисок како организатори затоа што ние не импровизираме и сме целосно посветени на она што сме го предвиделе да го реализираме, тоа и охриѓани и јавноста го очекуваат од нас. Охрид трчаТ веќе стана бренд кој што не е само препознатлив кај нас туку и надвор од земјата. Оваа година нудиме еден нов концепт и нова содржина. Покрај трките на 5 километри и 10 километри ќе има многу музика, дружење и забава. Охрид трчаТ викенд 31.05-02.06 ќе биде празник во Охрид, нешто кое верувајте не само кај нас туку како концепт и како содржина го нема на други трки. Нашата цел уште од самиот почеток беше Охрид да биде препознатлив и поразличен во организацијата на трки кои ги има во околината и во Европа и сигурен сум дека сме на вистинскиот пат. Цел месец мај и оваа година ќе биде во знакот на Охрид трчаТ. Оваа година започнуваме со училишна трка за учениците од основните училишта од Охрид и Дебрца на 15.05 со почеток во 11 часот. Мислиме и на најмалите дечиња и оваа година има трка за нив, која јас лично, а знам дека децата, родителите и целата јавност исто така со нетрпение ја очекуваат. Детската трка си има посебен шмек и убавина, градиме здрави животни навики, што е една од целите на Охрид трчаТ. Работиме во континуитет веќе се екипираме, имаме состаноци со волонтери, судии кои ке се грижат за регуларноста на трката, луѓе кои што ќе работат на настанот, продукција, медицински екипи, бидејќи безбедноста на учесниците е еден од главните приоритети. Вршиме координација и со локална самоуправа, државните органи, МВР и Пожарна, буквално со сите институции кој на било кој начин имаат допирна точка со организацијата на настанот. На самиот ден на спортската манифестација над 300 луѓе ќе се вклучени во организацијата и уште половина од тоа како логистика во периодот пред тоа и на самиот настан – изјави Станковски.
Целта на организаторите уште од самиот старт е Охрид трчаТ да биде препознатлив бренд на градот и Македонија. Во првите две години Охрид трчаТ успеа во своите намери, а третото издание треба да биде нов голем чекор напред кон зацртаните цели на организаторите.
Нашата цел уште на самиот почеток беше Охрид трчаТ да биде препознатлив не не само дома туку и надвор од Македонија и затоа во изминатиот период како организација направивме календар на кои трки на Балканот ќе присуствуваме, учествуваме но и ќе го промовираме Охрид но и Охрид трчат. На овие трки ние не одиме сами, Охрид трчаТ го отворивме за секој охриѓанец кој сака да трча, да се забавува и дружи, така да секој може да биде дел од нашата екипа. Ние како организација покриваме дел од трошоците и на тој начин го помагаме учеството на луѓето кои што патуваат со нас, но за нас како организација морам да кажам дека е и дополнителен притисок обезбедувањето финансии. Покрај одличното наше учество на маратонот во Софија и полумаратонот во Мостар, пред недела дена бевме и во Дубровник каде отпатуваа вкупно 27 луѓе и можам слободно да кажам „Го освоивме Дубровник’’. Имавме одлична презентација и промоција на нашиот настан на експото (саемот за трки), остваривме нови контакти со други трки од Балканот што ни дава за право да очекуваме тркачи од околните земји. На самиот самиот настан имавме учесници на сите трки, започнувајки од детската каде што нашите најмлади учесници не израдуваа со победа и ни направија најубава промоција на Охрид, буквално беа центар на внимание на ‘’Страдун’’ и ги освоија срцата на публиката, потоа одличен настап на нашите 6 полумаратонци, а сите останати учесници трчаа на трката од 5километри, а младиот Наум Танески заврши на 4-то место. – истакна нашиот соговорник.
Во склоп на Охрид трчаТ функционира Атлетски клуб со истото име, а успешно втора година по ред активно функционира и тркачкиот клуб.
Регистрирањето на Атлетскиот клуб дојде природно и спонтано. Охрид трчаТ, уште пред оформувањето на клубот направи тркачки клуб кој служеше за мотивација и за што подобра подготвеност за второто издание, а продолжи и оваа година. Главната цел на Охрид трчаТ е промена на свеста, пред се кај младите, но и кај возрасните и здрав начин на живот. Минатата година во тркачкиот клуб дојдоа неколку лица со натпреварувачки дух и на некој начин не поттикнаа да оформиме клуб и да почнеме да учествуваме на сите натпревари кои се во календарот од Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Еден голем бенефит со регистрирањето на Атлетскиот клуб имавме што Охрид трчаТ како атлетски настан влезе во официјалниот каландер на АФМ на улични трки. Моментално акцент ставаме само на дисциплините улично трчање и кросеви, а планот е да се прошириме уште повеќе и да бидеме рамо до рамо со останатите клубови од нашата земја. – потенцираше Станковски.
Викендот 31 мај, 1 и 2 јуни ќе биде во знакот на Охрид трчаТ. Активностите ќе започнат во петок со Ноќната трка а во сабота и недела ќе има богата програма за сечиј вкус.
Внесовме некои новитети се со цел целиот викенд во Охрид да биде во знакот на настанот. Активностите почнуваат на 31 мај во петок со одржувањето на Ноќната трка која ќе биде збогатена со паста забава и концерт во живо на охридските музичари и ди џеи. Сакам да изразам голема благадарност до сите угостителски објекти кои активно се вклучуваат во организацијата на настанот со својата поддршка и соработка. Во сабота, 1 јуни, учесниците на експото ќе ги подигнуваат стартните пакети, а нашите спонзори ќе имаат можност да ги презентираат нивните производи. Истиот ден ќе има панел дискусија „ЕУ за спорт“ во која ќе учествуваат директорите на најголемите трки од Балканот, а очекуваме и високи претставници од Европската унија. Вечерта на 1 јуни ќе финишираме со бродска тура и сето тоа ќе биде најава за 2 јуни кога не очекува главниот настан. Тогаш очекувам многу позитивна енергија и насмевки, сакам да го видам Охрид како пулсира во ритамот на трчањето, а за се друго ние како организација сме тука да се погрижиме градот да изгледа светски. – заврши Станковски.
Пријавувањето за учество на Охрид трчаТ може да се направи на официјалната страна Ohridtrcat.mk а трае до 26 мај кога официјално се затвара пријавниот рок.
Михаил Постоловски