Охридскиот фудбалски клуб првата етапа во Втората македонската фудбалска лига-запад ја финишираше со 28 бодови на четвртата позиција на табелата. Пред „рибарите“ на второлигашката табелата се наоѓаат Гостивар и Велешта со идентичен број на бодови 30 и лидерот Скопје кој има 37 бодови.
Фудбалерите на Охрид во статистиката на прво место се во вкупниот број на примени погодоци и во „чисти“ мрежи. Охриѓани во есенската полусезона примија само седум погодоци, а мрежата на Никола Симоновски остана празна на 10 до 16 мечеви.
Голманската позиција е можеби најодговорната во тимот, бидејќи не дозволува ниту една грешка. Во изминатата полусезона во секој натпревар влегував максимално концентрирано и посветено. Кога на сево ова ќе се додаде и поддршката од целата екипа, дојдов до двоцифрен број на натпревари без примен погодок. Чувството е одлично, и се надевам во ист ритам ќе продолжам јас и целата екипа во пролетниот дел од сезоната. – изјави охридскиот голман Никола Симоновски.
Чуварот на мрежата во Охрид се пресели од Струга Трим Лум. Дојде во позната средина со оглед на блискоста помеѓу Охрид и Струга и со големи очекувања од клубот.
Очекувањата ми беа и уште ми се големи, бидејќи уште на првиот состанок со управата видов дека се работи за стабилен клуб кој е добро организиран и финансискит стабилен. Од тренерот и од играчите во клубот бев одлично примен, што е многу важно за голман, но и за секој фудбалер. Морам да ја истакнам добрата атмосфера во екипата која што се надевам уште ќе расте. – додаде Симоновски.
26-годишниот голман задоволен е од резултатите на Охрид во есенската полусезона, а, во пролетната очекува и посакува клубот да се замеша за водечките позиции на табелата.
Резултатски како поминавме можам да кажам дека сум задоволен, но секогаш може и подобро. После паузата ќе треба добро се подготвиме зимава и на пролет со уште поголем мотив да ја нападнеме втората позиција на табелата која води во баражот. – рече охридскиот чувар на мрежата.
„Рибарите“ почеток на зимските подготовки ќе означат на 15 јануари.
Мх.П.