Адам Таталовиќ, меѓународниот „скаут“ за кошарка на НБА гогантот New York Knicks и поранешниот тренер на српската кошаркарска репрезентација, неодамна престојуваше во Охрид. Вели дека покрај тоа што е тука за да ги гледа младите таленти под 16 години, тој сака да го истражи Западен Балкан. Во интервју за OhridNews истакна дека од секогаш се восхитувал на духовниот живот кој го има градот и тоа е една од причините зошто го посетил Охрид, како центар на православието. Таталовиќ вели дека каде и да патува сака да гледа игра, да ги гледа децата кои играат кошарка,кои, можеби никогаш нема да играат во НБА, но да помогне со искуство за тие деца.
Bo Охрид сум за да ги гледам играчите под 16 години, но два дена зедов мини одмор за да ги видам црквите во градот, јас сум Србин по потекло, го тренирав српскиот национален тим многу години па сакав да го истражам Западен Балкан и тоа ме носи овде, вели Таталовиќ во интервјуто за OhridNews.
ОN: Што гледаат менаџерите прво кај играчите?
Таталовиќ: Прво кога гледате играч, ги гледате неговите физички атрибути, ја гледате играта, телото, потезите, гледате се. Тоа е многу несовршена наука, особено кога гледате помали играчи од 16 години, не знаете како ќе изгледаат децата за три години од сега. Но, забавно е да гледаш играчи, да ги запознаваш тренерите. За мене е интересно да најдам начин како да им помогнам на децата, тоа е страст.
ОN: Со оглед дека сме во Ковид – пандемија, колку беше тешко да се организираат играчите?
Таталовиќ: Ковид некако отвори врати за мене и ми донесе интересни искуства. Тренирав во Кина и зедов одмор две недели во периодот за Кинеска Нова година да посетам некои кошаркари, пријатели во Србија. Тогаш добив порака да не се враќам назад во Кина, па отидов во манастирот Света Гора. Во меѓувреме бев скаут за Кливленд па бев и на некои други места. Тогаш цел свет застана. Јас изнајмив еден апартман во Белград затоа што беше евтино, и никогаш не се вратив во Кина, на крајот завршив во Њујорк. Оваа година имаше многу помалку патувања. Морав да ги повикам тренерите онлајн, да прашам за играчите, за играта, за недостатоците, тие ги прегледувавме преку видео сними.. беше предизвикувачки за цел свет.
ОN: Сте поминале многу земји, од каде произлегуваат најдобрите таленти?
Таталовиќ: Америка со сигурност, ама има исклучоци. Всушност, тоа е убавината на истражувањето, играта расте, се развива. Европските тренери одлично се развиваат, Австралија е добра во развојот, мислам дека Азија е бавна, а многу веројатно дека најбрзо се движи Африка, за 20 години таму може да е многу поинаква приказната. Има талентирани деца, јас секогаш велам: Се што е потребно е топка, дете и сон, никогаш не знаеш што може да се случи, каде може играта да те однесе. Важно е, без разлика за колкава и држава да се работи да се бараат талентите насекаде
ОN: Кога ќе се одбере играчот, кој е патот што го чека, каков е патот до успехот?
Таталовиќ: Секој играч мора да има вештина која треба да се развие на повисоко ниво иако тоа ќе се движи во насока Македонија – Медитеран – Европски куп – НБА . Мора да ги има вештините кои ќе еволуираат тоа е се базично знаење без разлика на која позиција игра играчот. Се надевам дека играчите гледаат видеа од постари кошаркари и учат и купуваат искуства од нив. Не значи дека ако во еден тим сте биле одлични, дека ќе бидете и во НБА.
ОN: Што ве имресионира во Охрид?
Таталовиќ: Јас сум многу духовен човек, православен христијанин, па долго време читав книги за Св. Наум, гледав слики од езерото, така да доаѓањето овде и она што го видов од православниот свет е фантастично. Посетив околу 20 цркви, велат дека имало 365. Бев во Св.Пантелејмон, разговарав со свештените лица и навистина е добро да разговараш со верници како што сум јас. Ја посетив и црквата св. Јован Канео, можеби една од најпознатите цркви во светот. Гостопримството и храната се фантастични овде. Многу ми е важно што запознав луѓе со кои можам да разговарам за кошарка. Каде и да одам сакам да запознавам тренери, да разговарам со нив за играта, за развивање, не за „скаутинг“ туку за кошарка.
ОN: Дали во НБА игра некој играч што Вие сте го откриле?
Таталовиќ: Не ги гледаме работите на тој начин, нема его тука, ние делуваме заедно. За мене важи „голем тим- мал дел јас“. Не земаме заслуги, тоа не е успех за мене туку за Њујорк. Кога патувам, сакам да гледам игра, сакам да ги гледам децата кои играат кошарка и можеби никогаш нема да играат во НБА, но, сакам да пријдам на нивните тренери да им дадам можеби некоја идеја, да им помогнам на тие деца да направам нешто за нив со моето искуство и контакти. Сакам да направам нешто што ќе им помогне на луѓето во играта, не е секогаш НБА целта.
ОN: Какво искуство беше да се биде дел од српскиот национален тим ?
Таталовиќ: Бев во српскиот национален тим четири години. Да работам под знамето на мојата земја беше едно од најдобрите животни искуства за мене. Јас се’ уште разговарам со некои од играчите кога и да им треба помош. Сега сум српски државјанин официјално, но всушност јас сум првиот човек во мојата фамилија, Таталовиќ, кој се вратил во родната земја. Тоа што имам сега српски пасош, што сум дома, што имам дом во Србија, за мене е одлично,а искуството. Посакувам во 2019-та да добиевме барем уште еден натпревар. Работењето со Саша Ѓорѓевиќ, со целата федерација беше прва класа. Секогаш ќе правам се што можам за да и помогнам на Србија.
ОN: Какви беа вашите почетоци?
Таталовиќ: Ја започнав кариерата како млад тренер во мало училиште, се преместив во колеџот во Индијана каде има поголем кошаркарски тим. Во Америка е добра работа што секогаш има луѓе кои можат да те препознаат и да ти го покажат патот. Да си асистент на колеџ, значи и поголема привилегија затоа што лесно може да те донесе до „големи“ тренери, дури до тренери од NBA. Јас многу млад сфатив дека спортот и кошарката е мој животен сон, на час по хемија читав спортски магазини, се сеќавам дека добивав укори од наставниците за тоа, и секогаш викав дека ќе бидам „скаут“ за кошарка, а не хемичар и еве ме 20 години подоцна, од асистент на студенти до ова што сум денес. Буквално цел мој живот е скалила, прво бев асистент за студенти, па тренер по кошарка, потоа помагав во Српскиот национален тим во летото 2002, потоа бев во основно училиште во Америка, тренирав на Универзитет, па работев за тренерот на Мајкл Џордан, па работев во Чикако четири години, потоа во Њу Орлеанс две години, па во Австралија ги тренирав “Cats”, се вратив во Сакраментно, па од тренер станав скаут . Во кошарката никогаш не се знае, многу е важно да ја следиш топката каде и да оди, а топката ме однесе во Кина, па поминав две години со националниот тим на Кина, па топката ме донесе тука во Европа, сега сум интернационален скаут. Секогаш им велам на луѓето, мораш на некој начин да го планираш патот, сите си го планираат својот пат, но сепак мораш да ја следиш топката нема тука его, можеби ќе почнеш од ниво на средно училиште, но ќе запознаваш луѓе ќе се трудиш.
Мх. П/К.А./Г.М.