Охриѓанецот Марјан Маркоски на најдобар можен начин ја одбележа јубилејната 20-та сезона во фудбалот како судија, откако на завршната церомонија на Фудбалската федерација на Македонија беше прогласен за најдобар арбитар во мак фудбалот за 2018 година. 42-годишниот судија, точно 16 сезони е дел од судиската елита, а кариерата ја започнал во 1998 година. Претходно, тој ги поминал сите младински категории во Фудбалскиот клуб Охрид под водство на Ацо Гаврилоски, познат како „Чичко Ацо“.

  • Да вложиш 20 години во судењето и да добиеш вакво високо признание од Фудбалската федерација на Македонија е прекрасно. Оваа награда е признание за се што сум направил до сега, но и обврска за понатаму, бидејќи судењето односно фудбалот продолжува и мора да се биде секогаш на висина од задачата. Искрено, од кога паметам за мене јас сум во фудбалот. Почнав како пионер во ФК Охрид, продолжив во кадети и младинци и првиот тим под водство на „Чичко Ацо“. Со судењето започнав во 1998 година прво во младинските и регионалните лиги, а од 2002 наваму сум дел од фудбалската елита. – изјави Марјан Маркоски.

Маркоски најдобро го знае рецептот за успех помеѓу „луѓето во црно“, бидејќи заедно со уште неколку колеги се помеѓу најискусните и најдобрите судии во мак фудбалот.

  • Без посветеност, квалитет, искреност во судењето и среќа неможеш да имаш успешна кариера. Посветеност мора да се има во се` што се работи, на искреност мислам да се избегнуваат игрите кои не се поврзани на теренот и да се стремиш да бидиш најдобар со своја заслуга и пот, а не на грбот од другите судии или пак луѓе. Среќата игра најголема улога во успешноста во една судиска кариера.  Не може на среќа да се отсуди еден меч, но може во склоп на околности натпреварот да се отвори и најтешкиот да излезе најлесен натпревар за судење. – истакна најдобриот македонски судија.

Судиите поминуваат низ се` и сешто на фудбалските терени, а охриѓанецот издвојува неколку работи на кои секогаш со насмевка се присетува.

– За издвојување е финалниот меч во Купот на Македонија помеѓу Пелистер и Шкендија кој се одигра во дождливи услови. На толку дожд никогаш не сум судел. На полувреме во соблекувалните ги сменавме дресовите, но јалово, бидејќи за пет минути исто беа натопени како претходните со кои го завршивме првиот дел. Една интересна случка е предизвикувањето на судбината. Во Куманово пред почетокот на мечот Милано – Вардар исценирав повреда и требаше четвртиот судија да ме замени. Тој ги викна докторите од двете екипи да ме видат и да ме приспособат да судам. Не успеавме да останеме сериозни до крај и му кажавме на нашиот колега. Јас го отсудив мечот кој беше значаен за двете екипи. После недела дена судев во Прилеп и пред крајот на првиот дел и ден денес незнам како ја скршив ногата и паузирав неколку месеци. Исто така за издвојување е мечот помеѓу Илинден (Велмеј) и Победа во Купот на Македонија. Уште од самото делегирање на охридски судија на охридски клуб против Победа во Купот беше чудно, но јас одговорно ја извршив работата. Натпреварот заврши 0-0, а после изведување на пеналите победи Илинден, а триумфот беше прославен како освојување на титула. – изјави Маркоски.

Маркоски заедно со Александар Ставрев, Димитар Мечкароски и Горан Спиркоски во базата на италијанските судии во Коверџано во Фиренца имаа можност да тренираат и учат од еден од најпрославените фудбалски судија, Пјерлујџи Колина.

  • Пред почетокот на сезоната 2003/04 со колегите бевме дел од кампот кој го поминуваа италијанските судии. Покрај Колина од тој семинар беа дел Росети, Папареста и други. Имавме можност да видиме како се подготвуват технички и тактички за сезоната која престои. Тогаш лигата во Италија беше многу јака и стварно имаа подготовки за паметење. – резимираше Маркоски.

Со знакот на ФИФА, Маркоски судеше мечеви од футсал. Според него голема е разликата од малиот и големиот фудбал. – Во судењето во големиот фудбал има повеќе трчање, додека во малиот треба голема концетрација. После првиот меч во футсал повеќе се уморив, отколку на било кој меч кој сум го судел во големиот фудбал. Во футсалот се брзо се одвива и не смееш што се вика на трепнеш, а не да изгубиш концетрација.

Во разговорот со најдобриот судија во Македонија неизбежно беше прашањето за воведувањето на Видео технологијата (ВАР) во фудбалот.

– Сметам дека е многу добра работа. Првично, затоа што од плеќите на судиите ќе се тргне притисокот дека носи тендициозни одлуки на сметка од некоја екипа, а второ за фудбалот кој ќе добие најмногу. Со користењето на ВАР технологијата правдата секогаш ќе биде задоволена. – заврши Маркоски.

Сезоната во македонскиот фудбал заврши, а мечевите од Првата и Втората лига продолжуваат во февруари месец следната година.

Михаил Постоловски