Во рамки на бесплатната презентација на кандидатите за градоначалник, денеска го емитуваме разговорот со Константин Георгиески, актуелен градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата и кандидат за втор мандат.
Во него освен за политика, програмата и визијата за Охрид со која тој настапува на локалните избори, се осврнуваме и на приватниот и професионалниот живот на докторот специјалист по интерна медицина, планинарењето и возењето велосипед и активностите во слободното време.
Кампањата е специфична и несокојдневна. Немаше некои не фер ситуации. Кампањата тече добро, а што се однесува до кандидатите за градоначалник, покрај кандидат од ВМРО ДПМНЕ имаме и кандидат од ТМРО којшто со своите настапи навистина е уникатен и го привлекува вниманието на пошироката јавност на државата . – вели Георгиески.
Георгиески очекува да добие доверба за, како што вели, чист и целосен мандат од 4 години, посочувајќи оти за две и пол години колку што е на чело на градот направено е многу за Охрид, изградени се бројни сообраќајници, општината е на праг до целосно раздолжување, колекторот се ревитализира, а благодарение на активностите на локалната сампоуправа со дивоградбите и плажите, спасен е статусот на Охрид во УНЕСКО.
Ни преостануваат четири мошне значајни работи за Охрид коишто ќе ги направиме, а тоа се четири пречистителни станици во Љубаништа, Трпејца, Косел и Лакочереј. Тоа ургентно мора да се направи и ќе биде нешто за што прво ќе се зафатам во вториот мандат и ќе го завршам како што ги завршив „Абас Емин“, „15 Корпус“, „Прва Македонска Ударна Бригада“, „АСНОМ“, „Егејска“ и.т.н., ќе го завшам и тоа. – истакна Георгиески.
Во разговорот Георгиески ги презентира клучните поенти од изборната програма, во која освен нови инфраструктурни проекти високо на агендата се прашањата од областа на животната средина и заштита и презентација на уникатните вредности на Охрид.
Г. Момироски