Охриѓанецот Идриз Иса седум години успешно води сопствена физиотерапевтската ордиција во Тирана, Албанија која “случајно” го носи името „Охри-Медика“. Искуството акумулирано со работата во специјализираната болница Св. Еразмо-Охрид несебично го пренесува на своите колеги, а од нашата земја заминал поради желбата за напредок.

  • Кога одлучив дека ќе заминам во Тирана реков дека ќе отворам сопствена ординација во која ќе вложам се што имам и знаам. Сакав сам да си ги пробијам животните бариери без да барам дозвола или да ми каже некој кој што нема никава допирна точка со мојата професија. И јас како и многу други стручни лица во своите професии докажав дека вредам и дека си ја познавам работата, но надвор од границите на нашата земја. Од оваа гледна точка тој чекор пред седум години бил многу храбар и сега можам да се пофалам со 10 вработени во ординацијата и 8 000 третмани годишно. – изјави Идриз Иса.

Во неговата ординација доаѓаат луѓе од целиот свет, а многу му помага знаењето на шест јазици. – Во нашата ординација имаме пациенти од секаде, не само од Албанија. Често доаѓаат и македонци, германци, италијани, турци и други гости кои ја посетуваа Тирана.  

Албанците во минатото често патуваа во Македонија и другите земји за квалитетни здраствени услуги, а  од ден во ден се менува и сега здраствениот систем во Албанија е во подем.

– Последниве години здраството во Албанија  бележи голем напредок. Се нудат сите новитите во здраството кои ги има во светот. Во мојата професија сме рамо до рамо со светските трендови и така сакаме да продолжиме. Јас имам планови за проширување на ординација во сите сегменти. Прво просторно, а потоа со нов кадар и апаратура за што подобро и поефективно лекување на пациентите. – додаде Иса.

Тој на охридската јавност и е познат и по тоа што долги години ги бранеше боите на фудбалските клубови Охрид и Воска. Поради големиот број на обврски не игра фудбал, но слободното време го користи за трчање или прошетка во природа со фамилијата.

OhridNews