Експерти од странство и земјава интензивно работеа на Студијата за валоризација на Охридското Езеро со цел негово преплогласување за споменик на природата што е од исклучителна важност за самиот еко-систем и за градот воопшто, бидејќи на некој начин тоа претставува своевиден Устав за Охридското Езеро.

Даниел Богнер, меѓународен експерт од Австрија кој работеше на Студијата за валоризација на природните вредности на Охридското Езеро, во интервју за OhridNews, вели дека според Законот за заштита на животната средина во земјава, Студијата треба да даде соодветно објаснување зошто треба да е заштитена областа како и да предвиди препораки и специфични мерки кои ќе бидат спровдени во иднина. Богнер вели дека според Законот, многу прецизно се дефинира структурата на ваква студија, која предвидува заштитеното подрачје да има четири зони. Една од нив е зона на строга заштита.

Ние предложивме околу 11 проценти од езерото да биде под  строга заштита, ова значи дека во таа област не треба да влегуваат бродови, да не се плива, да не се нурка, да нема риболов, бидејќи ова се области кои се есенцијални за преживување на одредени видови, како на пример птиците. Друга  строго заштитена зона е областа околу Подмоље каде има трска што е од големо значење за рибите. Строго заштитена зона е и на јужната страна на  карпестите клифови од Националниот парк Галичица, а и самиот Националниот парк Галичица е строго заштитена зона, објаснува Богнер

Претходно градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца Константин Георгиески, Рамиз Мерко и Зоран Ногачески потпишаа заедничка изјава за поддршка за повторно прогласување на езерото за споменик на природата, согласно ова Советот на Општина Охрид ќе расправа за Студијата како дел од постапката за преплогласување за споменик на природата. Следниот чекор после одобрувањето од Советот е студијата да биде доставена до Министерството за животна средина, откога и таму ќе биде одобрена се испраќа до Владата за понатамошна процедура, па треба да биде изготвен нацрт- закон за кој Владата треба да одлучи дали ќе биде процесира.

Г. Момироски