Охриѓанецот Даниел Јовески, режисер, уметник и сестран талент, уште еднаш ја одушеви јавноста, овојпат со видео спотот за прекрасната песна на Лозано „Маскенбал“ кој беше работен во мистичната Венеција. Спотот буди длабоки чувства, дотолку повеќе што темата има исклучително силна симболика во општеството во кое живееме денес. Со извонредниот креативец разговараме за последниот негов проект, состојбите во индустријата, соработката со уметниците, но и за потенцијалите и уникатните вредности на Охрид чиј потенцијал може и треба повеќе да се искористи. Треба да се инвестира во одржлив туризам и заштита на природните и културни ресурси на Охрид. Истовремено потребен ни е креативен и иновативен пристап во промоцијата на Охрид, што ќе придонесе за поголема привлечност на градот за туристи од целиот свет, вели Јовески.
ON: Поминаа триесеттина денови откако спотот за песната на Лозано „Маскенбал“ кој го носи твојот потпис е во етер. Какви се реакциите, како им се допаѓа на луѓето?
Даниел Јовески: Коментарите секојдневно пристигнуваат и се извонредни! Многу ми е мило и се радувам поради тоа! И со секоја реакција што ја добивме, се потврди дека успеавме да го пренесеме тоа чувство на магија, да го преплетеме во срцата и душите на гледачите. Восхитени, очигледно се заљубија во тој свет на маски и емоции на мистика, носталгија и уметнички пристап на депресија – а можеби некои и се пронајдоа во приказната, па наскоро ќе ја тргнат својата маска и конечно ќе ги покажуваат во иднина нивните вистински емоции и идентитет.
ON: Спотот е уникатен за наши прилики. Работен е на прекрасно место и зрачи со енергија од која се чувствува дека е вложено многу труд во „Маскенбал“ да изгледа така како што изгледа, светски. Како течеше процесот, каква беше организацијата, дали на крај го добивте тоа што го очекувавте или можеби се разгледуваа идеи и во од?
Даниел Јовески: Уникатноста на спотот можеби е добиена првично и од самиот пристап и искуството кое го имав во минатото секогаш кога ќе ја посетев Венеција. Градот е како заробен простор низ лавиринти на мистерија, депресија и носталгија, каде што секој прекумерен здив е повик кон она што било и што можеби никогаш нема да биде.
Мистиката на Венеција, сама си се вметна во сценариото за спотот “Маскенбал”, а идеален период за снимање беше да го искористиме и карневалот кој трае месец дена. Со тимот одбравме конкретни датуми и ја следевме временската прогноза за да ни биде во корист на проектот и да се добие потребната фотографија и боја за спотот. Имаше и сончеви денови околу предвидените датуми за снимање на спотот, но ние одбравме да одиме на облачно време и да снимаме низ маглата која го покрила градот како свој, па заедно со маските ја добивме формулата и потребната драма за песната и спотот. Дефинитивно го добивме тоа што го испланиравме и што го очекувавме.
ON: Како е да се соработува со Лозано и со уметниците од овие простори? Какви се тие?
Даниел Јовески: Соработката конкретно со Лозано е искуство на една врвна врска и взаемно разбирање што ги карактеризира нашите творечки способности. Преку нашата 12-годишна соработка, снимањето со Лозано е лесно и низ спонтан процес, бидејќи ние веќе долго време ја споделуваме нашата визија и креативна страст. Неговата скромност и искреност се прекрасен дополнителен момент во нашата соработка, што нè води кон едно возвишено смирено творечко изразување. Нашиот последен проект, спотот Маскенбал, е само уште еден пример за нашата способност да креираме епски сценарија, што очигледно остава длабоки впечатоци на публиката. Слични искуства и проекти имам и со Tyzee за кој исто преку нашите соработки може да се препознае дека нашиот творечки израз е со силни мудри пораки и метафори, бидејќи и со него многу добро се познаваме, исто толку долг период.
Но, сепак со сите уметници и соработници пристапот гледам да ми е различен бидејќи се прилагодувам комплетно на нив и тогаш одлично се соработува, кога ќе влезеш комплетно во нивната фреквенција на размислување, да ги дознаеш нивните замисли, потреби, ќе сфатиш што точно сакаат да добијат, ќе ги разбереш нивните желби и очекувања и потоа се оди како што треба.
ON: Кретивната индустрија галопира, добро спакувано видео било тоа да е музички спот или друг вид креатива е од исклучително значење за постигнување успех. Од друга страна квалитетот има и цена. Колку на ова се внимава кај нас во споредба со регионот бидејќи работиш низ Балканот, а и пошироко се разбира?
Даниел Јовески: Кога станува збор за креативната индустрија, особено во областа на видео продукцијата, високиот квалитетот е крајно важен аспект. Како уметник и професионалец со искуство во индустријата веќе 13 години, тврдам дека добро спакуваното видео има големо значење за постигнување на успех, а самиот тој си ја диктира побарувачката, а секако и цената. Сепак, важно е да се има предвид дека квалитетот не е само во техничките аспекти на продукцијата, туку и во креативниот пристап, уникатноста и вредноста на содржината.
Во нашата област, каде што работиме низ Балканот, се забележува тенденција за зголемување на свесноста за квалитетот. Постои сознание дека инвестирањето во висок квалитет на продукцијата е важно за успешноста на проектите и на самиот раст на артистите. Споредбата со регионот покажува дека има напредок, но и покажува дека постои уште многу простор за унапредување. Имајќи го тоа предвид, се стремам да ги надминам стандардите и очекувањата на клиентите и публиката кај нас и во странство, истовремено подигнувајќи ги стандардите за квалитет во индустријата.
Исто така, сум свесен за важноста на следење на трендовите и користењето на најновите технологии за да ги надминам очекувањата на моите клиенти и публиката. Но, не само што се фокусирам на креативноста, туку и на развивање на тимски работни вештини и соработка со талентирани луѓе, што дополнително ја подигнува мојата работа на повисоко ниво.
ON: Добитник си на повеќе признанија во регионот за твоите видеа. Колку ти значи тоа што добрата работа е препознаена?
Даниел Јовески: Добивањето на повеќе признанија во регионот за мојата видео уметност претставува вистинска привилегија и потврда на мојата ангажираност и талент. Таквите признанија од страна на експерти и колеги во индустријата од регионот ми дава додатна мотивација и важност за продолжување со внимателност и стручност во моето творештво. Преку моите видеа кои се регионално наградувани, препознено е тоа што се стремам да ги изразам емоциите, креативноста и интензитетот на моите искуства, придонесувајќи за визуелно и уметничко збогатување на аудиториумот и пробувам да ги направам не само забавни или информативни, туку и да внесат дополнителен аспект на визуелна и уметничка вредност. Ова може да вклучува изразена употреба на бои, светло, композиција, и други уметнички елементи кои ги зголемуваат емоционалната и естетска вредност на видеото и го надополнуваат искуството на гледачите.
За постигнување успех мислам дека единствено е важна напорна работа и огромната љубов кон нештото што го работиш со цело срце и нема шанси да не биде забележано од експерти, колеги, соработници, а и од публиката секако.
ON: Ја следиш креативната индустрија. Како го оценуваш квалитетот на македонските креативни производи особено на тие made in Ohrid?
Даниел Јовески: Искрено во последно време не следам многу локална видео индустрија, бидејќи имам доста свои обврски и проекти на кои целосно им се посветувам. Следам повеќе странска индустрија. Но, сепак во Охрид има неколку одлични професионалци што се на врвот на задачата, но не се директно вклучени во полето на музички спотови и креативност во сценарија и режија од таков тип. Би ги советувал да се втурнат во тоа поле и заедно да создаваме уметнички аудио-визуелни дела што ќе останат и ќе ги инспирираат и новите генерации да се занимаваат со видео продукција.
ON: Дали сметаш дека Охрид има добра туристичка промоција. Или подобро како до добра промоција на Охрид и може ли на креативен начин да се придонесе за туристички развој на градот и да се валоризираат потенцијалите?
Даниел Јовески: Сметам дека Охрид, како еден од најпрекрасните градови во регионот, а и светот, има огромен потенцијал за туристичка промоција. Според мене многу е важно е да се развие креативна и иновативна стратегија за промоција на Охрид. Ова може да вклучува различни аспекти, како што се користење на социјални медиуми, креирање на вирални содржини, организирање на културни и спортски настани, како и развој на туристички пакети кои ги истакнуваат уникатните атракции на градот.
Исто така, важно е да се инвестира во одржлив туризам и заштита на природните и културни ресурси на Охрид. Промоцијата треба да ги нагласи овие аспекти и да ги вклучи во секој аспект на маркетингот на градот. Крајно, креативни и иновативни пристапи во промоцијата на Охрид можат да придонесат за поголема привлечност на градот за туристи од целиот свет, што ќе има позитивен ефект на неговиот туристички развој и економија.
Охрид, со своите прекрасни пејзажи, богата култура и историја, има несомнена сила да привлече и восплaмени интерес кај луѓето од целиот свет. Но, истовремено, ние мораме да бидеме иницијатори на промените кои ги посакуваме. Локалната самоуправа или државата тука играат клучна улога во овој процес. Преку финансирање на годишни или месечни проекти за промоција на Охрид, но да препознаат прави креативци. Можеби треба да има конкурси или натпревари на такви теми, па и фестивали за Охрид и неговата магија, таа може да допринесе за развојот на иновативни и креативни идеи што ќе го привлечат вниманието на луѓето и ќе го постават Охрид на светската туристички мапа. Со заеднички напори и посветеност, ние можеме да го искористиме потенцијалот на Охрид и да го претвориме во туристичка дестинација што ќе го восхити светот.
Поради тоа, е важно да се фокусираме и да покажеме посветеност во полето на промоцијата. Конечно, со правилната ангажираност и фокус, ние можеме да ја претвориме нашата визија за Охрид во реалност.
ON: Постојано си во движење и со работни ангажмани. На што работиш во моментов?
Даниел Јовески: Моите работни ангажмани во моментов се фокусирани главно на српскиот и албанскиот пазар, кој за мене лично се сериозно голем пазар со исклучителен потенцијал. Моментално сум ангажиран на релација Охрид – Белград, каде што работам на видео проект со Тропико Бенд.
Работам и на неколку сценарија за други бендови и артисти од Србија и Албанија кои треба да се сработат во наредните два месеци.
ON: Даниел е уметничка душа, нешто за своја душа правиш, останува време?
Даниел Јовески: Имам доста слободно време искрено. Секое слободно време го користам креативно и да посвирам на музички инструменти кои ги имам преку 30 во моето студио, а и полека мудро спремам некои свои музички авторски проекти. Балансот помеѓу креативноста и другите обврски ми е најважен, како што се работата, семејството, спортот итн. Затоа често возам велосипед или ролери, патувам со фамилијата, правам долги прошетки со двете мои кученца, во зима скоро секоја недела одам на еднодневно скијање и тоа ми ги полни батериите и ми ја обновува креативноста. Во главно имам многу слободно време, зошто навечер правам точно зацртани планови што ќе правам во денот и колку време. Се ми е напишано на лист и по план.
Горан Момироски