Во времe на неочекувани предизвици, како по некое правило, на површина се издигнуваат мал број автономни личности со карактер и со интегритет, кои со компетентност и посветеност ја потврдуваат својата професионалност ставајќи се целосно во функција на општествениот интерес.
Пандемијата како резултат на појавата на КОВИД-19 го сврте вниманието на јавноста кон мнозинството неуморни и посветени здравствени работници кои изминатите месеци секојдневно ни даваат одличен и поучен пример како крајно доследно може да се почитува Хипократовата заклетва, а со тоа и да се спасуваат животи.
Една таква личност несомнено е д-р Никола Пановски, професор по предметот Микробиологија и паразитологија на Медицинскиот факултет во Скопје, човек кој во овој несекојдневен период од нашата историја, својата докажана стручност ѝ ја стави на располагање на заедницата, неуморно помагајќи што полесно и што побрзо граѓаните да се изборат со тешките последици од појавата на вирусот корона.
Неговото 40-годишно искуство во областа на микробиологијата, пак, е несомнено драгоцено и за државата во целина, како и за нејзините институции. Истовремено, и неговиот белег како заменик министер за здравство (2002-2003), како и директор на Фондот за здравство (2003-2006), е дополнителна специфика која овозможува да се направи синтеза помеѓу најтесните медицински сознанија за вирусот корона, од една страна, како и самата логика на функционирање на инситутциите на државата, од друга страна, што само ја потврдува исклучителноста и компетентноста на нашиот соговорник. Специјализираниот магазин за здравје и современ живот „Наше Здравје“ во летниот број кој излезе од печат неодамна, објави разговор со д-р Никола Пановски, во кој тој зборува за справувањето со најголемиот здравствен предизвик на светот денеска, како и за начините на заштита и превенција од вирусот корона (САРС КоВ 2 – SARS CoV 2), т.е. од КОВИД-19.
На кој начин вирусот корона (САРС КоВ 2) го напаѓа човечкиот организам и како се разликува овој подмолен убиец од останатите слични форми на вирусни заболувања за кои знаеме?
Д-р Пановски: Влезното место за овој вирус е респираторниот тракт и по тоа не се разликува од другите респираторни вируси. За разлика од неговите претходници и сродници, САРС и МЕРС (SARS и MERS), САРС КоВ 2 (SARS CoV 2) предизвикува и лесни инфекции, па во голем дел и инфекции без болест, што му овозможува да се шири дури и во услови на брзо и рано откривање на болните. Вирусот на САРС беше ставен под контрола со брзо откривање и изолација на болните. Неговиот наследник, иако десетина пати помалку смртоносен, ја има карактеристиката да се шири со помош на здравите лица. Неговата контагиозност, односно способност на пренесување од едно на друго лице е слична со онаа на вирусите на грип, поголема од онаа на вирусите на настинки, но многу помала од вирусите на заушки, морбили, варичела или вариола вера.
Кога ќе навлезе во организмот, покрај проблемите во размена на гасовите и течноста која се создава во белите дробови, овој вирус, кај секоја индивидуа може различно да се однесува, поточно, секое лице различно реагира на присуството на вирусот. Некои развиваат бурна реакција, нивниот имунитет употребува несразмерно голема сила во борбата со вирусот, уништувајќи ги при тоа не само клетките инфицирани со вирусот туку и здравите клетки. Сè тоа може да заврши летално за неколку часа. Кај некои лица, особено ако претходно имаат други заболувања, ги напаѓа дигестивниот тракт, бубрезите, мозокот, срцето, црниот дроб итн. Скоро редовна појава е зголемената коагулабилност на крвта, односно склоност за создавање тромбови. Вирусната пневмонија, особено ако има потреба од механичка вентилација, доведува и до населување на болнички соеви на бактерии многу отпорни на антибиотици. Значи, до сега не е познат вирус, кој предизвикува пандемија, а манифестира различни реакции од едно до друго лице. Голем број специјалисти, пред сè интернисти, покрај инфектолозите, учествуваат во дијагноза и лекување на оваа болест.
Следното важно прашање е превенцијата и заштитата. Освен вообичаените мерки за физичка дистанца и дезинфекција на рацете, дали постојат некои други совети поврзани со грижата за личното здравје кои можат да придонесат за подобро справување со овој вирус?
Д-р Пановски: Посебно треба да се внимава при престој во затоврени простории, кои немаат можност за проветрување, а во кои престојуваат или непосредно претходно престојувале луѓе. Такви се лифтовите, тоалетите, баровите, ноќните клубови, фитнес клубовите сместени во подрумски простории, мали религиозни објекти, авиони, автобуси, други средства за јавен превоз, односно секаде каде што има голем број лица кои гласно зборуваат, пејат итн. Во овие простории, вирусот може да се шири аерогено, односно преку аеросоли, многу ситни капки, кои опстануваат во воздухот и повеќе минути. Во таква просторија може да се случи голема концентрација на вирусот во воздухот, кој може да се пренесе преку аеросолите и на поголема далечина од два метра, особено ако има климатизери. Затоа во овие простории е задолжително носење маска за контаминиран простор, какви што се маските N95. Лицата со симптоми на респираторна инфекција е подобро да носат хируршка маска. Имено, маската N95 пред сè штити да не биде инфициран оној што ја носи, овозможувајќи тежок влез на честитчките, а лесен излез. Обратно, хируршката маска, инаку наменета за стерилни простории, оневозможува исфрлање на капките од носителот на истата, а лесен влез на воздухот однадвор. Вакви простории треба да се избегнуваат кога е тоа можно, а престојот во нив да биде пократок, со помалку зборување од потребното, зборувањето да биде мирно и тивко.
Во услови кога сè уште не постои вакцина за овој вирус, кои се вообичаените начини за третирање на заболените пациенти?
Д-р Пановски: Заедничко за сите протоколи се аналгетици, антипиретици, витамини, инфузии и во последно време антикоагуланси. Се смета дека лековите што спречуваат тромбоза во крвните садови значително ја намалија смртноста од оваа болест. Кај потешко болните се користи и кислородна поддршка и неинвазивна и инвазивна механичка вентилација. Од лековите до сега се пробани најмалку десетина. Дел од нив се антивирусни лекови, еден антималарик и еден антибиотик. Сите тие се дел од клинички студии кои се во тек. Кај компликации од бактериска пневмонија се даваат антибиотици, кај некои пациенти плазма, кај некои се применува озонска терапија, потоа филтрација на крвта итн. Големи контроверзи имаше околу антиинфламаторните лекови, но во последно време сè повеќе се дел од протоколите кај пациентите кај кои се очекува да реагираат бурно, таканаречена „цитокинска бура“.
Што се подразбира под т.н. лекување со ковалесцентна плазма?
Д-р Пановски: Тоа е многу стар начин на лекување. Уште кога не се знаело за антитела, но се знаело за крвните групи, се давала крв од лице што прележало некоја болест на болно лице од таа болест. Денес се дава само плазма од оздравениот, а клетките му се враќаат на донорот. Пациентот прима готови антитела кои веднаш го неутрализираат вирусот. Оваа постапка е пример за вештачки пасивен имунитет. Тој трае кратко, две до три недели. За некои болести постојат комерцијално подготвени серуми против дифтерија, тетанус, ботулинизам, каснување од змиии, пајаци итн. За жал, голем дел од оние што биле позитивни, особено со лесни симптоми или биле без симптоми, или немаат антитела, или истите многу бргу се губат, па така бројот на дарители на крвна плазма се намалува, особено од аспект што тие треба да се помлади, а поголемиот дел од тешко болните се постари лица.
Колкав е степенот на вирулентност на вирусот корона во моментот и дали се намалува ваквата вирулентност паралелно со зголемувањето на надворешната температура?
Д-р Пановски: Нема научни податоци дека е вируленцијата на вирусот намалена, иако некои клиничари од Северна Италија тврдат дека сега сериозните случаи се десетина пати поретки отколку на почетокот на пандемијата. Факт е дека има сè повеќе новооткриени позитивни лица, таа бројка се искачи и на 300 000 дневно, но факт е и дека смртните случаи се во рамките 5 000 – 7 000 на ден. Во месец април, бројката на новоткриени случаи на ден се движеше околу 100 000, а смртноста на дневно ниво беше помеѓу 6 000 – 8 000. Постојат повеќе причини за оваа намалена смртност, сметано како процент од вкупниот број новооткриени. Една причина е секако разлабавувањето на мерките, па се откриваат сè повеќе позитивни кај помладите лица, кои многу поретко имаат тешка клиничка слика. Друга причина е помасовното тестирање, со кое се откриваат и асимптоматските случаи. Трета причина е подготвеноста на здравствениот систем да ги лекува пациентите поуспешно, пред сè со употреба на антикоагулантните средства. Четврта причина би била намалената вирулентност на вирусот, која не е докажана во лабораторија. Напротив, лабораториски е докажано дека вирусот сега мутирал во неговата трансмисивност, односно дека сега полесно се шири отколку на почетокот на пандемијата. Високите температури сами по себе не влијаат врз ширењето на вирусот. Во Европа и во САД, доаѓањето на летото се поклопи со олабавување на мерките, па затоа не знаеме какво ќе беше ширењето на болеста во зима и пролет, без рестрикции. За жал, изгледа дека тоа ќе го видиме оваа есен, а според мое мислење, со сегашните мерки, вирусот тогаш многу повеќе ќе се шири, бидејќи луѓето ќе бидат приморани да се среќаваат во затворен простор.
Како ја оценувате состојбата во Македонија споредено со останатите држави во Европа во однос на справувањето со КОВИД-19?
Д-р Пановски: Состојбата можеме да ја поделиме на два периода. Беше прилично добра некаде до средината на мај, со многу рестриктивни мерки кои дадоа добар резултат, болниците предвидени да ја третираат оваа болест беа исполнети со капацитет од едвај 50 %, бројот на активни случаи изнесуваше 400, во некои општини со недели немаше нови случаи, во повеќето скопски општини, со исклучок, на Сарај, Чаир, Бутел и Гази Баба, бројот на активни случаи беше под 10. Тоа беше првиот период, кога мерките беа премногу ригорозни, за потоа преку ноќ да се разлабават истите, во состојба кога имаше пораст на нови случаи во споменатите скопски општини, во Штип и во Тетово. Тоа беше катастрофална грешка, односно се случи политизација на медицината, а кога политиката ќе проба и кога ќе успее да ѝ каже на науката што да прави, неминовно следува катастрофа. Мерките се олабавија две до три недели предвреме, а во споменатите општини требаше да продолжат. И во другите европски земји се укинаа полициските часови, се отворија рестораните итн., но растот не беше вака брз. На Балканот, кој важеше за пример како треба да се справиме со оваа болест, новите случаи вртоглаво пораснаа, особено во Србија, Босна и Херцеговина, но никаде толку брзо како во Македонија. За жал, нашата земја, брзо и сигурно се качува на неславната табела на умрени на милион жители, па зад нас останаа многу европски земји. На пример, во месец април Словенија имаше 100 починати, а Македонија 80. Сега, на крајот на месец јули, Македонија има 476, а Словенија 117 починати. Дури и според најоптимистичкото сценарио, до крајот на годината Македонија ќе ја престигне Шведска по број на починати на милион жители. Во Шведска, која беше критикувана дека води самоубиствена политика, земја, во која децата посетуваа училишта, фабриките и фирмите работеа, здравствениот систем беше отворен за сите пациенти, а економијата најмалку настрада.
Позитивно е тоа што здравствениот систем сè уште успева да ги прими сите посериозно болни, добро е што се тестира масовно, а имам впечаток дека народот се освести или се уплаши и повеќе ги почитува мерките за заштита. Инфектолозите, интернистите, анестезиолозите, епидемиолозите, микробиолозите, матичните лекари, службите за итна медицинска помош и домашна посета, медицинските и лабораториски техничари, болничари, возачи, заслужуваат огромна почит, работат неуморно, без одмор, а најтешкото допрва доаѓа.
Каков е вашиот став во однос на спомнуваниот втор, есенски бран на вирусот корона?
Д-р Пановски: Како што веќе навестив во одговорот на претходното прашање, есента ќе биде тешка. Прашањето е што нè очекува ако се отворат училиштата, факултетите. Сите оние кои денеска ги изведуваат своите активности на отворено, ќе мора истите да ги изведуваат во затворен, непроветрен простор. Сите што сега на работа одат пешки или со велосипеди, ќе мора да користат јавен превоз. Како ќе се однесуваат младите, ако сегашните собирања на отворено ги заменат со собирања во затворени простории?! Како би изгледало во месец декември, ако по 5 000 граѓани дневно имаат респираторни симптоми, покачена температура, малаксаност, а нема да знаеме дали е настинка, грип или КОВИД-19. Кој ќе ги тестира сите нив? Многу е важно да се почитуваат мерките, а веројатно некој вид рестриктивни мерки ќе мора повторно да се воведат.
Вирусот корона во голема мера го промени начинот на животот на луѓето. Очигледно е дека ќе треба да менуваме многу од навиките што сме ги имале досега. Што друго може да се промени со оваа пандемија?
Д-р Пановски: Ова е прашање за социолозите, психолозите, филозофите, но еве ќе се осмелам да го кажам моето мислење.
Да почнам со позитивните работи:
1. Личната хигиена е подигната на повисоко ниво. Намалени се болестите кои се шират со валкани раце.
2. Намалени се и ќе бидат намалени респираторните болести, поради мерките за лична заштита.
3. Драстично се намалени сексуално преносливите инфекции.
4. Зголемена е свесноста за здрав начин на живеење, здрава исхрана, повеќе движење. Бројот на лица што користат велосипед е многу зголемен.
5. Некои луѓе кои одеа кај матичниот лекар секоја недела, видоа дека тоа не било неопходно.
6. Јавното здравје е најважниот сегмент за човековата благостојба. Конечно, на дело се виде дека е превенцијата многу поважна за здравјето отколку куративата.
7. Луѓето се навикнаа на ред, а институциите се прилагодија, се надевам така ќе остане и по завршетокот на оваа пандемија. Мислам на редовите во маркетите, банките итн. Видовме дека без турканици, со добра организација, работата може да се изврши подобро. Пример за тоа се изборите, или, на пример уписот во средните училишта. Децата место во два дена се запишуваа пет дена, поделени според азбучен ред и немаше никакви редови. Уписот траеше точно 5 минути по дете. Зошто ваквите многубројни позитивни примери да не останат и кога нема да има пандемија.
Работи кои имаат и позитивни и негативни особини:
1. Работа од дома. Околу 30% од работите можат да се изведуваат без да се оди на работа.
2. Зголемено користење на електронските комуникации во социјалните контакти на луѓето.
3. Зголемена употреба на телемедицината, односно лекување на пациентот без да се сретне со лекарот.
4. Помалку масовни непотребни собирања по клубови, ресторани и спортски натпревари.
5. Трката по кариера и пари не е најважната работа во животот.
6. Браковите во кои има љубов и почитување се зацврстија, но останатите, кои ги немаа овие карактеристики, во овие тешки околности не издржаа.
Сè останато, за жал, е негативно, за што веќе одговорив, од аспект на здравјето, да не зборуваме за психолошките трауми, економските последици итн.
OhridNews
Извор: „Наше Задравје“