Д-р Митко Тилевски е роден во 1962 година во Скопје. Има завршено Медицински факултет. Тој е специјалист-педијатар, поранешен пратеник во Собранието на РМ во парламентарниот состав од 1998 до 2002 г., деценија директор на една од најуспешните болници во регионот – Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо Охридски“. Оженет, сопруг и татко на две деца. Тој е кандидат за градоначалник на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Неговата визија е Охрид да продолжи со нови проекти и да го усовршува вистинскиот европски и современ лик. Во разговор за OhridNews д-р Тилевски открива кои ќе бидат неговите приоритети доколку ја добие довербата од гласачите, како гледа на проблемот со долгот на општината, што прави во приватниот живот.


Д-р Митко Тилевски

ОN: Кој беше главниот мотив поради кој се одлучивте да влезете во трката за градоначалничката функција, како реагираа вашите најблиски на тоа?

Mитко Тилевски: Моето срце чука со илјадници срца за подобро утре. Охриѓани ме знаат, ние се познаваме и знаат дека ќе создадеме уште повеќе за нас, за Охрид. Јас еднаш сум положил заклетва дека етички ќе ја извршувам должноста во мојата професија како доктор. Горд сум на тимот што веќе деценија бевме институција за почит и направивме многу позитивни работи за Охрид. Секогаш сум бил заедно со граѓаните. Чувствувам потреба дека им сум потребен во овие тешки моменти за градот и државата. Секогаш сум носел правилни одлуки, затоа решив да влезам во оваа трка за Охрид. Кога се во прашање моите најблиски, секогаш ја имам безрезервната поддршка. Тие ме поддржаа најсилно и целосно во овој период и се до мене.

ОN: Каква е вашата визија за Охрид, кои ќе бидат првите проекти од предизборната програма на чија реализација ќе инсистирате доколку ја добиете довербата од граѓаните?

Mитко Тилевски: Имам визија и мисија како Охрид да продолжи со нови проекти и да го усовршува вистинскиот и европски и современ лик. Остварување на долгорочен и економски раст, зголемување на конкурентноста и вработеноста како и подобрувањето на животниот стандард на охриѓани, ќе бидат приоритетет на идната локална самоуправа. Стратегиските цели на јасно дефинираната програма ќе бидат: Работа за сите, економски пораст и развој на Охрид, создавање нови работни места и намалување на стапката на невработеност и унапредување на туризмот и меѓународна соработка на градот. Најприоритетни проекти: Изградба на Кеј, комплетна реконструкција на Булевар Туристичка, реконструкција на Градскиот Плоштад и плоштадот кај Чинарот, нов парк „Студенчишта“, Изградба на социјални станови, бесплатна здрава храна за ученици од прво до петто одделние, рехабилитација и надградба на колекторискиот систем… 

ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку победите на претстојните избори? 

Mитко Тилевски: Околу мене има тим советници докажани во својата фела, полни со знаење, ентузијазам и со вистинска љубов кон Охрид и охриѓани. Ние нудиме концепт на работа, чесност, отчетност и одговорност. Сите така заедно во новата Локална самоуправа преку поставувањето принципи на современо управување и донесување одлуки, ќе имаме една и единствена цел – да одговориме на модерните форми на менаџирање со општината и да овозможиме подигнување на квалитетот на живот на нашите граѓани. Отворен сервис за граѓаните каде што секој ќе може да го каже своето мислење, својот проблем, идеја, насоки со цел вистински услужен центар во интерес на граѓаните.

ON: Масовен или елитен туризам, или?

Mитко Тилевски: Стратегијата за локален економски развој се однесува на здрава општина која презема заеднички напори за подобрување на климата за инвестирање во туризмот, за подобрување на конкурентноста, да го зголеми бројот на работните места, да се подобрат приходите на граѓаните во заедницата, да се подигне нивото на квалитетот на живеење според европските и светските стандарди. И масовниот и елитниот туризам во нормални размери ќе бидат придобивка за охриѓани како и сите видови туризам за доброто на градот Охрид.

ON: Ќе обратите ли поголемо внимание на екологијата и еколошките проблеми кои се’ уште како да се на маргините. Кои се вашите планови за колекторскиот систем и заштитата на Охридското Езеро?

Mитко Тилевски: Апсолутно, новите проекти за почист Охрид ќе бидат во насока на екологијата за подигање на свеста, за чување на општествените добра и заштита на човековата околина. Со цел интегрална заштита на водите во Охридското Езеро ќе се работи на рехабилитација и надградба на колекторскиот систем. Изградба на пречистителна станица и фекална канализација во село Трпејца. Надградба на пречистителна станица за отпадни води во Враништа и проширување на колекторскиот систем за Охридското Езеро. Рехабилитација, реконструкција и доградба на канализациона мрежа за собирање на отпадните води во Охридскиот регион.

ON: Како планирате да се справите со долговите на општината, ги имавте ли во вид кога ја изготвувавте програмата, како планирате да ги реализирате проектите кои ги ветувате?

Mитко Тилевски: Долговите мора да се вратат, тоа е обврска за да може нормално да функционира Локалната Самоуправа. Целосен увид до детали немав, бидејќи тоа се информации сепак од Општината. Проектите се со временска рамка и рок на изградба, како и со извор на финансирање. Буџетот на Општината Охрид ќе биде главниот извор за реализирање на проектите, ЈПП, меѓународни грантови, приватни спонзори, како и надеж дека ќе имаме соработка со Владата на РМ за поддршка од нејзиниот буџет во интерес на охриѓани.

ON: Вашите приоритети во спортот и културата?

Mитко Тилевски: Инвестирање и создавање услови за спортување на сите генерации е највредна инвестиција корисна за сите генерации. Нова трибина и соблекувални на Билјанини Извори, Организација на меѓународни турнири, изградба на спортски и детски игралишта низ градот, во Елшани, Долно Коњско, Пештани и изградба на балон сала и повеќенаменско спортско игралиште во УЗ „Железничка“. Во мојата визија Охрид ќе биде ризница од културни, традиционални, историски и религиски вредности. Изградба на градска куќа Долни Сарај и музеј на Охридското Езеро, завршување на фрескоживописот во црквите „Св. Климент„ и „Св. Пантелејмон“ – комплекс Плаошник, конзервација на фрескоживописот на црквите „Света Софија“, „Св. Никола Болнички“ и „Св. Богородица Болничка“. Организација на Богојавление-Водици, Божиќна Литија, организација на Ифтарска вечера, поддршка на фестивалот на Еѓипканите.

ON: Кој е Митко во приватниот живот, кои му се омилени места во градот, со кого, каде и како го минува слободното време?

Mитко Тилевски: Човек со чисто срце и душа, без валкани раце, со чисто досие и чист образ, без афери и без ниту една црна дамка. Заклетвата е света работа, затоа одговорно тврдам дека како иден градоначалник на Охрид најсовесно ќе ја извршувам својата обврска и должност кон граѓаните. Охридското Езеро е мојот душевен мир и едрењето, Стариот дел на градот, Плаошник, Галичица, Св. Наум, манастирите и црквите. Фамилијата, пријателите, колегите и гостите што доаѓаат заедно да го разгледаме Охрид.

ON: Доаѓате од лекарската фела. Зошто се одлучивте токму за оваа професија? Каков е вашиот однос со колегите и колку ви значи тоа?

Mитко Тилевски: Мојот татко Петар Тилевски – педијатар уште од млади години ми ја всади љубовта кон докторската професија, младите и да им се помага на луѓето. Затоа и се одлучив специјализацијата да биде од областа на педијатријата. Исто така и мојата сопруга Лидија доаѓа од докторската фела како стоматолог и не случајно и моите деца Петар и Теодора, исто така се медицински лица- стоматолози.

ON: Дали сметате дека функцијата ја менува личноста?

Mитко Тилевски: Личноста којашто има цврст карактер и достоинство, етика и морал секогаш ќе биде онаа вистинска личност, личност секогаш со чесност, хуманост, семејни вредности, единство. Јас секогаш сум бил достапен, секој граѓанин бил топло примен и се што било во мој домен и на фамилијата, секогаш сум излегувал во пресрет. Пружаме рака на секој граѓанин. Сите сме една целост, едно заедништво, една душа.

ON: Порака до гласачите…

Mитко Тилевски: Со пенкалото се одлучува за нашиот Охрид. Со посветеност и достоинство – сите заедно сплотени кон новата иднина за Охрид. За продолжување на напредокот, принципите и вредностите на овој град и на ова парче земја. Сите ние продолжуваме да работиме за градот Охрид, за граѓанските интереси за сигурна иднина! Заедно пак по вистинскиот пат дојдете сите по нас! Наш сон, наша надеж – наша иднина!

Г.М./Т.К.