Кандидатот за градоначалник на владејачката СДСМ, д-р Константин Георгиески, е роден во Охрид на 9 октомври 1977 година. Со основно образование се стекнал во ОУ „Григор Прличев“, а средно училиште завршил во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“. Дипломира на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиj” во Скопје во 2003 година, а во 2009 година на истиот факултет завршува специјализација и се стекнува со звањето Специјалист по Интерна медицина. Своето прво работно искуство го стекнува во Јавната здравствена установа, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” во Охрид, а од 2007 година е управител на Приватната здравствена установа „Дарон“ во Охрид која има околу 20 вработени.

Георгиески беше носител на советничката листа на последните Локални избори во 2017 година, а по победата на СДСМ, беше координатор на мнозинската советничка група во општинскиот совет, а беше назначен и за заменик градоначалник на Охрид. По прераната смрт на градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски, Советот на општина Охрид, го избра за вршител на должноста Градоначалник на општина Охрид. Тој е оженет и татко на две деца.

Во разгвор за OhridNews Георгиески ja открива својата визија за Охрид, зборува за приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.

ON: Што пресуди да донесете одлука да се кандидирате за градоначалник на Охрид?

Д-р Георгиески: Пред повеќе од една година, Охрид храбро и одговорно одлучи и за градоначалник го избра проф. д-р Јован Стојаноски, кој неизмерно го сакаше нашиот град. Тој имаше безброј идеи и огромна желба за промени, но прераната смрт не дозволи да ги реализира сите започнати проекти. Ветивме дека ние ќе продолжиме по неговиот пат и ќе го оствариме неговиот сон. Горд сум што бев дел од неговиот тим и веќе добро го познавам патот по кој заедно одевме и имавме заедничка замисла да го направиме Охрид поубаво и посакувано место за живеење. Понесен од спомените на едно големо пријателство и братство, почувствував голема морална обврска и мотив да ги вложам сите мои човечки капацитети, сето мое искуство и време за да се борам и да го продолжам она што го започнавме заедно. За доброто на Охрид и за доброто на охриѓани, ние можеме и мораме да ги промениме работите.

ON: Каква е вашата визија за Охрид?

Д-р Георгиески: Мојата Визија е да обезбедиме подобри услови за развој кои ќе донесат посигурна иднина за сегашните и идни генерации во нашиот Охрид. Преку посветено, одговорно и домаќинско работење да овозможиме посовремено туристичко и урбано живеење со зачувување на природните, културните и духовните богатства. Охрид заслужува да оди напред, охриѓани заслужуваат повеќе!

ON: Новиот градоначалник ќе има скратен мандат, што е хендикеп. Доколку ја добиете добербата од охриѓани, што ќе биде првата работа што ќе ја реализирате и кој ќе биде ваш врвен приоритет?

Д-р Георгиески: Еден од нашите најважни приоритети ќе биде да ја приспособиме целата постоечка урбана и рурална инфраструктура во функција на потребите на граѓаните. Во фаза сме на реализација на многу идеи и проекти за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина. Со поддршка на Министертвото за транспорт и врски веќе е започната реконструкцијата на главната сообраќајница во градот булеварот „Туристичка“. Во фаза сме на реализација на многу идеи и проекти за обезбедување на сообраќајни решенија и уредување на јавни површини кои се важни за сите граѓани. Нашата цел е Охрид да добие инфраструктура која ќе овозможи негов одржлив развој како туристички и културен центар.

ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку Вие ја водите?

Д-р Георгиески: Освен секојдневната посветеност на реализација на активности, воведовме и нов модел на отворена, услужна и транспарента локална самоуправа која подеднакво е посветена на сите граѓани. Современите општествени текови и динамиката на модерното живеење ја наметнуваат потребата од поквалитетни и побрзи услуги за граѓаните од страна на општината. Токму затоа нашата цел е да преземеме соодветни мерки за поголема ефикасност на општинската администрација. Ќе воведеме електронски систем, кој ќе овозможи поголема интеграција меѓу општинските сектори и јавните претпријатија, а планирана е имплементација на Географско Информативен Систем (ГИС), кој ќе содржи просторно лоцирани ГИС бази на податоци за територијата на општина Охрид.

Во насока на зголемување на нивото на транспарентноста на општината и посоодветно пласирање на информации од јавен карактер, веќе е изготвена нова и редизајнирана општинска веб страница, која веќе е во функција. Исто така да се подобрат условите за граѓаните во урбаните и руралните зони, општината планира да преземе мерки за зголемување на капацитетот на месните и урбаните заедници, преку обука на членовите на месните управи. Ова има за цел да го зголеми нивото на партиципативност во донесување на одлуките на локално ниво. Нашата цел е да бидеме општина по мерка на секој граѓанин. Постојано сме отворени за соработка и подготвени да се менуваме и подобруваме.

ON: Што може да очекува бизнис заедницата, каква клима ќе гради локалната самоуправа за развој на стопанството и туризмот како една од носечките гранки во градот?

Д-р Георгиески: Постојано сме подготвени и отворени за соработка со бизнисмените, туристичките и угостителските работници. Постојано преземаме конкретни мерки, кои носат видливи резултати во овој сектор. Кон охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ веќе се воспоставени нови директни линии до Виена, Малме и Милано, а од јули стартуваат и редовните авио линии кон Дортмунд и Меминген. Заедно со редовните линии кон Базел и Цирих, Охрид станува поврзан град преку целата година, што значително ќе влијае врз бројот на туристи и остварени ноќевања.

Исто така за охридските туристички работници особено се важни директните чартер линии од Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, кои според најавите ќе продолжат да оперираат и во иднина. Важна улога во напорите за зголемување на бројот на туристи имаат и меѓународните саемски манифестации, на кои Агенцијата за промоција на туризамот, редовно го промовира Охрид како атрактивна дестинација. Свесни сме дека современите туристички текови наметнуваат потреба за поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам и туризам надвор од шпицот на сезоната. Затоа, во соработка со туристичкиот сектор во Охрид, предвидуваме креирање на мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ. Веќе се изработува нова Стратегија за развој на туризам, а планирана е и подготовка на нов концепт за развивање и промоција на здравствениот, спортскиот, верскиот и конгресниот туризам.

ON: Државата го презеде управувањето со колекторскиот систем и најави преземање на плажите на Охридското Езеро. На барање на УНЕСКО се напушти идејата за изградба на експресен пат преку Галичица и изградба на ски центар. Екологија или економија, или како до одржлив развој?

Д-р Георгиески: Баланс помеѓу овие две области е клучен, па затоа би рекол дека мора да има одржлив развој по сите еколошки стандарди. Охридскиот регион заедно со Охридското Езеро е непроценливо природно богатство, па затоа заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети во нашето работење. Од огромна важност за нас е одлуката за формирање на ново Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на Колекторскиот систем. Во насока на заштита на езерото, преземени се и конкретни чекори заедно со општините Дебрца и Струга за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Според најавите, проектот ќе се реализира со средства од европските фондови. Исто така започната е постапка за изработка на Студија за валоризација на Студенчишкото Блато, а во тек е подготовка на нов Локален еколошки акционен план на Општина Охрид. За подигнување на капацитетот и подобрување на услугите, за потребите на ЈП „Охридски Комуналец“ набавени се 7 специјални комунални возила, а во соработка со ова претпријатие веќе се преземени конкретни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници согласно сите позитивни законски прописи. Имаме уште многу планови со кои сакаме да придонесеме за современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на еден туристички центар. Ќе преземеме активности за поставување на нови подземни и прес-контејнери, за кои веќе има утврдени локации. Вложуваме напори за изнаоѓање на Локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината, особено во делот на Националниот Парк „Галичица”. Планираме опремување на современа Претоварна станица за комунален отпад како и поставување на мерна станица за контрола на квалитетот на воздухот во Охрид.

ON: Државата презеде голем дел од долгот на општината, кој се уште е голем. Како ќе тече раздолжувањето понатаму и дали тоа ќе влијае на развојот, односно реализацијата на вашата програма?

Д-р Георгиески: Со поддршка на Владата, Општина Охрид процесот на раздолжување е во завршна фаза и тоа е еден голем успех за сите нас. На својата последна седница, Советот на општина Охрид донесе историска одлука со која Охрид го намали долгот натрупуван 3 децении за две третини. Поточно, долгот го намаливме за вкупо 948,023,989 денари или околу 15,400,000 евра. Од оваа сума: 495,679,436 денари се обезбедени од страна на Владата, 260,000,000 денари по основ отпис на камати кои општината ги испреговара со доверителите и 192,344,553 денари обезбедени од буџетото на општината. Раздолжувањето ќе тече според утврдената динамика и според условите во Владината донесена за оваа намена. Финансиската стабилност на општина Охрид ќе овозможи полесно функционирање и подобра иднина за општината, а ќе има повеќе средства за развојни и инфраструктурни проекти.

ON: Какви планови имате во областа на образованието, спортот и културата?

Д-р Георгиески: Нашата цел е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува. Токму затоа посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде Година на образованието во Охрид и за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование имаме издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра. Планирна е замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, како и во сите подрачни училишни објекти кои се лоцирани во населбите и селските средини, а со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид.

Веќе имаме преземено конкретни мерки на подобрување на условите за спорт. Во соработка со ФФМ и УЕФА, ги започнавме потребните процедури за реконструкција на постојните и изградба нова трибина на фудбалскиот стадион во СРЦ „Билјанини Извори“. Вредноста на овој проект, изнесува 800.000 евра и со неговата реализација, Охрид ќе добие услови за организација на поголеми спортски настани. Исто така започна изградбата на спортска сала во ЕМУЦ „Свети Наум Охридски”, а во Програмите за образование е предвидена изградба и на спортски сали и во основното училиште „Кочо Рацин”, во основното училишпте „Ванчо Николески” во село Лескоец и во Угостителското училиште „Ванчо Питошески”.

ON: Кој е Константин во приватниот живот, како го минува слободното време, има ли хоби?

Д-р Георгиески: Во своето слободно време сакам да уживам во природа, редовно планинарам, голем љубител сум на велосипедизмот и зимските спортови. Сум бил дел од голем број алпинистички експедиции во Македонија. Три пати го имам освоено врвот Митика на планината Олимп во Грција, бев дел од експедиција кон врвот Аконкагва на Андите во Аргентина, а во јули 2016 година го искачив највисокиот врв на Алпите, Мон Блан на 4810 метри надморска височина. Јас сум човек кој ужива во едноставни работи. Слободното време сакам да го минувам со најблиските и во дружба со пријателите.

ON: Доаѓате од лекарската фела. Според законот функционата градоначалник е неспоива со друг професионален ангажман. Што му вели докторот на политичарот Георгиески?

Д-р Георгиески: Докторот Георгиески на политичарот Георгиески се почесто му порачува: Дијагнозата е веќе поставена, соодветна терапија и редовен одмор 🙂 🙂 🙂

ON: Порака до гласачите…

Д-р Георгиески: Знаеме да определиме приоритетите, работиме посветено, одговорно и домаќински за доброто на сите граѓани. Нашата намера е искрена и препознаена, Ајде заедно да ги поддржиме идеите за подобар Охрид, повторно заедно да продолжиме да одиме напред! Мораме уште еднаш да ја искористиме дадената шанса за подобро утре, за подобри услови за живот на нашите деца, кои сакаме да ја градат својата иднина тука, до нас, во нашиот град. Заедно Напред, За Охрид!

OhridNews