Д-р Кирил Пецаков, стоматолог вработен во Здравствен дом и актуелен претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид е носител на советнилката листа на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Тој е семеен човек и родител. Голем вљубеник во спортот. Во разговор за OhridNews тој открива каква визија има советничката група која ја предводи за идниот развој на Охрид, отворено зборува за проблемите на градот, но и за надворешните влијанија врз работата на советниците. Уверен е во победа на неговата политичка опција на претстојните локални избори.
ON: Како носител на кандидатската листа на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ како гледате на институцијата совет, кои се вашите очекувања, дотолку повеќе што вие веќе имате искуство како советник?
К. Пецаков: Советот е подеднакво важна институција како и градоначалникот, затоа што сите одлуки важни за функционирањето на локалната самоуправа се носат токму во советот. Ние како советници и советнички групи треба да даваме импулс за позитивна работа на градоначалникот и поддршка на сите проекти коишто се за доброто на Охрид.
ON: Советот е место каде се судруваат интересите на политичките партии и различните кандидати. Како ќе делува советничката група на ВМРО ДПМНЕ во советот, во зависност од консталацијата на силите и кој ќе биде иден градоначалник или поинаку?
К. Пецаков: Убеден сум дека ВМРО ДПМНЕ ќе го освои мнозинството во советот и ќе го даде идниот градоначалник на Охрид, но каков и да биде распоредот на силите во советот, ќе делуваме исклучиво во интерес на граѓаните на општина Охрид и на сите месни заедници со цел да ги решаваме нивните проблеми.
ON: Советникот треба да биде гласачка машина или?
К. Пецаков: Функцијата на советникот е низ една конструктивна дебата да гласа одлуки кои ќе го подобрат живеењето на граѓаните и ќе ја унапредат самата општина. Тоа подразбира и да се гласаат одлуки, но низ дискусија од која ќе го извлечеме најдоброто решение за граѓаните во однос на нивните потреби и побарувања.
ON: Како избраници на народот советниците треба да ги застапуваат интересите на граѓаните. Но постојат и други интереси. Може ли некој од „надвор“ да влијае на работата на советниците, кој и како треба да ги заштити од таквите влијанија?
К. Пецаков: Дефинитивно низ годините се покажало дека при носењето на одлуки во советот има надворешни влијанија. Но тоа, како и претходно кажаното е поврзано со интересите на градот, каде ние во суштина го гледаме Охрид, како ќе се развива, на што треба да се посвети внимание, дали е тоа туризмот, создавање услови за отворање на нови работни места преку отворање на нови индустриски зони, или нешто друго. Советниците се политички претставници на партиите, а има и разни коалиции, но доколку советот се придржува до начелата на функционирање, а тоа е добра подготовка на одлуките на координација на советничките групи и усогласување на ставовите, сметам дека во голема мера тоа задничко носење на одлуките ќе ги заштити советниците од влијанија. Се разбира советникот треба да има и интегритет.
ON: Каква е вашата визија за Охрид, какви проекти му требаат на градот?
К. Пецаков: Многу е битна визијата на идниот градоначалник за Охрид, а како второ, сите надлежни институции без разлика дали се на локално или централно ниво да се вклучат во изготвување на една стратегија за развој на градот, не само во туризмот, туку и во други области како што е сообраќајот на пример. На градот му е потребна добра сообраќајна студија. Многу е важно да го зацртаме правецот на развој на Охрид, но тоа не да биде само декларативна заложба туку реално остварлива платформа со конкретни рокови за реализација. За некои проекти ќе биде потребно можеби повеќе време од еден мандат на советот, но важно е да се зацрта правецот на делување.
ON: Проблемот со долгот на општината е комплексен и исклучително сериозен. Дали има решение?
К. Пецаков: Има решение за долгот, се разбира во соработка со централната власт која може да помогне да се репрогамира тој долг и да се зголеми финансиската рамка за функционирање на општината, а со тоа и бројот на проекти во градот ќе биде поголем. Тоа е единствениот начин, репрогамирање на долгот со помош на централната власт и никако поинаку. Мора да ни биде на сите јасно, се додека не го решиме прашањето на долгот ние како општина не ќе можеме да реализираме клучни проекти за развој на градот.
ON: Локална самоуправа како професионален и ефикасен сервис на граѓаните и функционални јавни претпријатија, или места за вдомување на партиски кадри и генерирање нови долгови?
К. Пецаков: Секој кој му сака добро на градот треба да гледа на локалната самоуправа како на ефикасен сервис на граѓаните, а јавните претпријатија да бидат функционални во вистинска смисла на зборот. Во партиите има луѓе кои работат во кампањата на идниот градоначалник и природно е нивните побарувања да се сервисираат, барем кај нас во Македонија работите се’ уште така функционираат, дури и во странство е така. Кога доаѓа на функција нов градоначалник или министер си доаѓа со свој тим, само што за разлика од кај нас во странство тој тим кога ќе заврши мандатот на функционерот си заминува, таа е разликата. Но законите кои изминатите десет години се донесоа во однос на вработувањата на државните службеници не дозволуваат вработувања на партиски кадри доколку не исполнуваат одредени услови како што се потребни квалификации, просек во образованието и положен државен испит, како и познавање на англиски јазик. Сметам дека со последните измени во законот во 2015 ќе започне еден природен процес на селекција во администрацијата во кој квалитетот ќе одлучува.
ON: На јавноста и сте познат и како спортист. Дел сте од успешната приказна на РК Охрид. Како го гледате развојот на спортот во Охрид?
К. Пецаков: За развој на спортот во Охрид потребна ни е стратегија и годишен буџет којшто прецизно ќе биде формиран од страна на советот и градоначалникот и ќе се распределуваат тие средства следствено на успесите на спортските клубови. Тука се разбира своја улога треба да игра и Сојузот на спортови кој што не е функционален во изминатиот период. Но за тоа потоа. Ќе размислуваме како локална самоуправа да воспоставиме еден целосно функционален систем околу спортот и спортските клубови и секој да го пронајде својот дел од спортскиот колач, односно буџетот за спорт предвиден од општината. Се разбира друга форма е субвенционирање на спортските клубови за користење на спортските терени и простори кои се под општинска капа, што го практикуваше администрацијата на актуелниот градоначалник Бакрачески, што им овозможуваше бесплатно користење на спортската инфраструктра во градот на клубовите, што исто така е голема помош и добро е да се задржи како концепт и понатаму.
ON: Што прави Кирил Пецаков во приватниот живот, каде и како го минува слободното време?
К. Пецаков: Во моментов целото слободно време ми е насочено кон изборната кампања на ВМРО ДПМНЕ и теренските активности. Она малку слободно време што го имам го поминувам со синот и сопругата. Го користам слободното време и за спорт и рекреација со другарите, најчесто тоа е фудбал или кошарка, а со ракомет не се занимавам веќе година и пол после повредата која треба да ја санирам.
ON: Порака до гласачите:
К. Пецаков: Ги повикувам гласачите на 15-ти октомври да го заокружат бројот 13 за подобра иднина на својот град. Да го заокружат бројот 13 и за кандидат за градоначалник и за советничката листа затоа што мнозинството во советот е предуслов за добра соработка со идниот градоначалник. А кога имате мнозинство во советот и градоначалник од иста партија многу полесно се спроведуваат проектите во општината. Во советот многу често сме биле сведоци на разни игри, компромиси, уцени, кои не носат добро на градот, затоа што таквите советници – поединци знаеле да искористат многу за себе, а проблемот на градот да остане. Затоа ги повикувам граѓаните да го дадат својот глас за ВМРО ДПМНЕ за да имаме мнозинство во советот и градоначалник кои заеднички ќе ги решаваат проблемите на граѓаните во соработка со месните заедници кои најдобро знаат кои се нивните приоритети.
Г.М.