Што повеќе придружни болести, поголема е и веројатноста за тежок облик на КОВИД 19, вели д-р Игор Балевски, специјалист – интервентен кардиолог, охриѓанец по потекло, кој долги години успешно работи на Одделот за кардиологија и ангиологија на Универзитетската болница во Марибор, Република Словенија. Тој е шеф на тимот за интервентна кардиологија, професор и едукатор. Во разговор за зимското издание на магазинот за здравје и современ живот „Наше здравје“, кој го пренесуваме во целост, д-р Балевски се осврнува на опасностите од пандемијата врз здравјето на луѓето, како и за најновите медицински достигнувања во областа на кардиологијата. Тој има корисни совети како да се грижиме за нашето срце, а отворено зборува и за состојбите во здравството кај нас и за родниот Охрид без кој не може.
„Наше здравје“: Живееме во време на пандемија предизвикана од коронавирусот SARS COV2, познат во јавноста како КОВИД 19. Една година по појавата на вирусот кој однесе голем број животи насекаде во светот, што научивме за него, до кога се очекува да трае оваа здравствена криза?
Д-р Игор Балевски: Ова е нова реалност на која мора да се привикнеме сите, лекарите, науката, граѓаните. За КОВИД 19 и натаму учиме и осознаваме, затоа и битката со него е тешка. Со пронаоѓање на вакцините мислам дека пандемијата полека ќе се намали. Вакцинацијата во некои земји веќе започна, што е добро. Во Македонија вакцината се очекува во април и сметам дека тоа ќе биде почеток на крајот.
„Наше здравје“: Како се одразува КОВИД 19 на луѓето кои имаат некакви кардиоваскуларни заболувања, дотолку повеќе што хроничните болни се сметаат за високоризична категорија. Зошто е тоа така и како да се заштитат овие лица?
Д-р Игор Балевски: Што повеќе придружни болести, поголема е и веројатноста за тежок облик на болеста. Од хроничните болести, болестите на срце и на белите дробови се најзначајните. Меѓутоа, за тежината на клиничката слика се важни и други фактори, пред сè имуниот систем и генетиката.
„Наше здравје“: Колку е важно носењето на заштитна маска?
Д-р Игор Балевски: Носењето на маска како превентива на ширењето на заразата е од исклучително значење. Особено е важно да се носи заштитна маска на лицето во затворен простор.
„Наше здравје“: Пандемијата влијае на целокупното здравство во светот. Се добива впечаток како сега да има само една дијагноза, но луѓето имаат потреба и од други здравствени услуги и интервенции. Од друга страна постои страв и кај пациентите и кај медицинскиот персонал. Како понатаму?
Д-р Игор Балевски: За сè сте во право. Ќе мора со намалување на епидемијата да се зафатиме повеќе со лекување на „другите“ болести. Се прават крајни напори и во време на епидемијата да се дијагностицираат и лекуваат болести кои не се поврзани со КОВИД 19.
„Наше здравје“: Во еден момент вашиот работен ангажман од Словенија го пренасочивте на Клиниката за инфективни болести во Скопје со цел да им помогнете на колегите тука. Дали ја следите ситуацијата кај нас, како гледате на начинот на кој нашата земја се справува со пандемијата?
Д-р Игор Балевски: Ја следам состојбата во Македонија. Помагав колку што можев. Тоа ми е должност, со оглед на деструкцијата на здравството што се случува во последните 30 години кај нас. Но, мора да кажам, колегите во Македонија одлично се справуваа со кризата.
„Наше здравје“: Добро ги познавате состојбите кај нас. Доколку би имале можност што би промениле во нашиот здравствен систем, што сметате дека е најнеопходно што треба да се направи?
Д-р Игор Балевски: Мора да се промени образовниот систем. Македонија мора да продуцира добро школувани доктори, поготово специјалисти. Доколку се отстрани политиката од здравството, системот сам ќе се намести. Југословенскиот систем требаше да се поправи малку, а не тотално да го уништиме.
„Наше здравје“: Да се вратиме на вашата потесна специјалност. На која возраст најчесто почнуваат да се јавуваат кардиоваскуларни проблеми, кои сигнали не смеат да се игнорираат? Во тој контекст, кога е време да се почне со кардиоваскуларни прегледи и какви испитувања треба да се направат ако се сомневаме на кардиолошки проблеми?
Д-р Игор Балевски: Промените на крвните садови почнуваат уште во најраниот период од животот. Најчести симптоми се болки во градите, особено при напор, потоа гушење, глад за воздух. Дијагностиката е многу едноставна, преку лабораториски испитувања и комплетна неинвазивна дијагностика – ехо на срце , тест на оптоварување, се откриваат кардиолошките проблеми.
„Наше здравје“: Кардиоваскуларните заболувања се причина број 1 за смртност во Македонија и во светот. На што се должи тоа?
Д-р Игор Балевски: Се должи на брзиот начин на живот, исхраната, хроничниот стрес.
„Наше здравје“: Доколку во семејството родителите биле срцеви болни дали постои зголемен ризик и како да се заштитиме. Кога треба да се почне со превентивни прегледи без оглед на семејната анамнеза?
Д-р Игор Балевски: Фамилилијарната анамнеза е многу важна во кардиологијата. Атеросклерозата на крвните садови доминантно се наследува. Испитувањата кај тие пациенти треба да се направат што порано, поготово на концентрацијата на лошиотхолестерол – ЛДЛ. Јасно е докажана врската на неговата концентрација со трајно појавување на болест на сите крвни садови.
„Наше здравје“: Колку е опасна појавата на аритмијата?
Д-р Игор Балевски: Зависи од типот на аритмија. Многу напреднаа техниките за лекување на аритмија. Потребна е внимателна дијагноза и навремено откривање на опасните аритмии. Поготово нивна превенција.
„Наше здравје“: Во кои случаи се вградува стент?
Д-р Игор Балевски: Стент обично се поставува кај пациенти што имаат симптоми (градна болка) и каде е јасно докажана исхемија на миокардот – позитивен стрес-тест или други тестови. Обично каде артеријата е стеснета повеќе од 70% и каде што имаме јасни показатели дека пациентот ќе има корист од таа процедура. Потребно е добра проценка пред имплантација на стент. Инаку самата процедура обично е едноставна.
„Наше здравје“: Што значи операција на срцев залисток и какви се понатамошните прогнози?
„Д-р Игор Балевски: Кога зборуваме за операција на срцев залисток мислиме за тешка стеноза на аорталниот залисток. Тој е важен залисток кој се наоѓа на почетокот на аортата. Се лекува со класична операција и со имплантација преку артеријата на ногата. Последниот начин на лекување последните години брзо напредува и практично преку 60% од сите пациенти треба да се лекуваат на таков начин. Сите пациенти над 65 години доколку е можна таква имплатација треба да ја добијат. Процедурата е тимска, со висок степен на успешност и релативно едноставна. Пациентот следниот ден оди дома. Резултатите се одлични. Без некој голем проблем се врши имплантирање кај четворица пациенти за 5 до 6 часа. Проблем е со валвулата. Скапа е процедурата и сè уште не е многу достапна, што ја проблематизира постапката. Заради тоа и мојот тим задоцни 7 години со имплементацијата на оваа процедура.
„Наше здравје“: Д-р Игор Балевски е роден охриѓанец кој своето образование го стекнал во Македонија, а се доедуцирал во Словенија, Германија, Австрија и Италија… Денес сте етаблиран и искучително ценет во вашата професија. Освен што практикувате, вие и предавате медицина, учествувате на стручни собири и други настани. Иако сте максимално професионално ангажиран, одржувате силни врски со родниот крај. Како успевате да го постигнете сето тоа?
Д-р Игор Балевски: Љубовта кон Охрид и кон домот е во генот. Се раѓаш таков. Во Словенија работам и уживам во работата. Условите за работа ми се одлични. Работам активно во три болници. Слободното време го користам со мојата прекасна фамилија и нормално секој месец доаѓам во Охрид. Ако не дојдам во Охрид мислам дека тој дел од животот ми е изгубен. Во Охрид ги полнам батерите и потоа назад во Словенија. И почнувам Мурска… Марибор… Целје… приправен… дежурен…
„Наше здравје“: За крај, што им советува д-р Балевски на читателите на „Наше здравје“. Кој е најдобриот начин да се зачува здравјето на срцето и како да се одржува?
Д-р Игор Балевски: Посакувам брзо да заврши пандемијата, со помала штета. На луѓето им препорачувам да не пушат, да практикуваат умерена физичка активност, најмалку 4 пати во неделата барем 30минути, ЛДЛ холестеролот да го држат што пониско – кај здрава популација под 3 ммол, а кај млади и болни под 1,4 ммол, значи што пониско тоа подобро. Ако е потребно рано да почнат да го лекуваат бидејќи диета малку делува на лошиот холестерол, само 10%. Препорачувам медитеранска исхрана, месото заменете го со риба, маслото нека е маслиново, свежи салати и свежо овошје. Добра регулација на шеќерот и крвниот притисок, пробајте да постигнете нормална тежина. Умереност во сè. Повеќе дружење со позитивни луѓе, смеење, песна и живејте ги вашите животи. Ризикот од коронарна болест ќе го намалите за преку 75%!
OhridNews
Извор: „Наше Здравје“