Еден од специјалните гости на второто издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ е Ален Бошковиќ кој е директорот на полумаротонот во хрватскиот Дубровник кој по четврти пат се одржаа оваа година. Некогаш одличниот играч во ватерпол во разговор со Ohrid News во Хотелот Тино во населбата Св. Стефан зборуваше за почетоците на полумаратонот во Дубровник, конекцијата со директорот на „Охрид трчаТ“, Иван Цветкоски и за Охрид и Дубровник како градови под заштита на Унеско.

– Имињата на Охрид и Дубровник тежат многу на Балканот и пошироко, но имињата сами не носат успех во организирање на спортски настани, туризам или слично, туку макотрпната работа во текот на целата година. Спортските манифестации во глобала се исти, бидејќи се трча низ стариот дел на градот и учесниците покрај во трчањето можат да уживаат во убавиот поглед и историјата која ја нудат градовите. Добивката на еден организиран спортски настан е добриот глас кој ќе го пренесе секој учесник поединечно. – започна нашиот соговорник и додаде за конекцијата со Цветкоски. – Ме изненади повикот на Иван кој ми понуди да бидиме едни од специјалните гости на „Охрид трчаТ“. Нашиот полумаратон во Дубровник календарски е пред охридскиот атлетски викенд и јас му реков тие прво да дојдат кај нас, а ние потоа да бидеме гости. Неговата идеја да се збратимат на некој начин Охрид и Дубровник, кои се под заштита на Унеско беше многу добра и јас веднаш ја прифатив. Нашиот полумаротон помина во најдобар ред и ние во Хотелот Тино во Св. Стефан ќе се одмориме и дома ќе заминеме со полни батерии и убави впечатоци од Охрид.

Првите чекори на полумаратонот во Дубровник не биле лесни, а голема помош организаторите добиле од градот Монтереј во САД кој организира маратон со илјадници учесници.

– Првите две години многу ни помогнаа нашите пријатели од САД, кои ни дадоа програма и ние водени по неа го организиравме полумаротонот. Пред третото издание одлучивме да брендираме нашиот проект во „Du-motion“ и да му го дадеме името „Runners day“ и не погрешивме. Исто така и луѓето во Дубровник сфатија за што точно се работи и сите се ставија во улога на организиратори. Без помош од хотелите, рестораните, баровите, волонтерите и сите луѓе како единки не можеш да успееш, бидејќи еден таков спортски настан никој не може сам да го организира. – додаде директорот на полумаратонот во Дубровник.

Бошковиќ додава дека маратонското трчање не е омилен спорт помеѓу балканците, но со тек на време само поради организирањето на атлетски манифестации со рекреативен и забавен карактер ќе се промени тоа.

– Трчањето моментално доживува неверојатна експанзија и нажалост мора да констатираме дека ние балканците не сме некои големи љубители на трчањето. Но, многу ме радува што полека трчањето се врежува во мислите на сите луѓе и мислам дека за кратко време ќе се промени. Ова не се измислици, туку точни бројки земени од пријавените на маратоните од градовите во балканот. Голем плус за трчањето е немањето старосна граница, туку секој кој има желба може да трча. – заврши Бошковиќ.

Михаил Постоловски