Без многу помпа, тивко, организаторите денеска го најавија 21. Охридски пливачки маратон – ОПМ.
 
На стартот, точно напладне кај Свети Наум, на патеката долга 30 километри, во водите на Охридското Езеро ќе запливаат 11 маратонци во машка и шест во женска конкуренција. Во последен момент учеството поради повреда го откажа германецот Студзински. Првите натпреварувачи се очекува да допливаат на целта кај охридското пристаниште по 17 часот.

Меѓу познатите имиња, во Охрид допатува петкратниот победник на Охридскиот маратон Петар Стојчев од Бугарија, кој важи за апсолутен фаворит на утрешната трка.


Петкратен победник и апсолутен фаворит – Петар Стојчев

Годинава за прв пат охридскиот маратон нема да се плива во рамките на светската серија маратони туку како Гран При (Grand Prix) трка. Причина е тоа што патеката во Охрид е подолга од 10 километри, како и висината на наградниот фонд.

Иако ОПМ се одржува утре, во Охрид нема ниту еден плакат или друг вид реклама кој го најавува овој некогаш голем спортски настан. На денешниот прием кај градоначалникот Петрески новинариоте побараа одговор на ова, но и на многу други отворени прашања кои го уриваат реномето на ОПМ. Но, наместо конкретен одговор по расправијата помеѓу организаторите и новинарите, градоначалникот Петрески ја прекина прес – конференцијата.

Членот на организацискиот одбор Никола Маленко во разговор за ohridnews, изјави дека реномето на ОПМ е доведено во прашање за што според него е виновна Пливачката федерација на Македонија.

Покровител на Меѓународниот охридски пливачки маратон е претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, делегат на маратонот од Меѓународната пливачка федерација ФИНА е Валерус Деловац, а главен судија – Соња Думбалова. Поради презафатеност на претседателот, стартот на маратонот ќе го означи градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Г. Момироски
фото: С. Костоски