Борбата за остварување на етничките права во рамките на Уставот и законите на Р. Македонија се претвори во тивка војна меѓу претставниците на различните организации на Египќаните во Охрид.
Сојузот на на Египќаните ги повика Египќаните, како и сите добронамерни граѓани да ја поддржат иницијативата за влез на оваа етничка заедница во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.
На неодамна одржаната прес конференција, претставникот на Сојузот на Египќани, Демир Далип, најави дека ова движење ќе покрене иницијатива за собирање потписи за подршка на барањето на Египќаните за впишување во преамбулата и најави дека е испратено барање за повторна средба со премиерот Никола Груевски.
Ваквата иницијатива според Сојузот на Балканските Египќани и Здружението на Египќаните на Македонија, е незаконска и нема да вроди со плод.
Во писмената реакција на овие две здруженија се вели:
„За жал, приморани сме да ја информираме јавноста дека иницијативата на некои граѓани, за собирање на потписи (петиција) за внесување на Египќаните во Преамбулата на Уставот на Р. Македонија, во најмала рака не е во согласност со законските норми на Р. Македонија, и е вон институционална иницијатива. Врз основа на Законот за граѓански иницијативи, ваквите дејности треба да се одвиваат врз определените норми за покренување на граѓанска иницијатива, а потписите на граѓаните треба да се соберат во подрачните одделенија на министерството за правда, а не на некои си плоштади или нелегитимни места. Според тоа било каков резултнат да има оваа иницијатива однапред ќе биде игнорирана од властите на Р. Македонија, бидејќи на наков начин не се превземаат граѓански иницијативи.
Исто така, барање за промена на Уставот врз основа на граѓанска иницијатива, е крајно сериозна работа, за кое се потребни најмалку 150 илјади потписи од граѓаните собрани пред надлежните државни органи. Со тоа ваквата иницијатива слободно може да ги добие епитетите утопистичка и демагошка.
Токму поради тоа сметаме дека споменатата иницијатива е уште едно поигрување со чувствата и дигнитетот на граѓаните припадници на зеаедницата на Египќаните во Р.Македонија.
Само за потсетување правата на едно национално малцинство во светот се регулираат по пат на закони, за што веќе Владата најави дека се подготвува Закон за правата на етничките заедници, а не со вметнување во Преамбулата на Уставот„, се вели во реакцијата на Сојузот на Балканските Египќани на д-р. Рубин Земон и Здружение на Египќаните во Р.Македонија потпишана од в.д. претседателот Уке Демироски.
ohridnews