Вчера, 02.06.2010 година, Единица за борба против недозволена трговија со дрога при Одделот за организиран криминал, во содејство и соработка со Царинската управа на Република Македонија, реализираа случај на недозволена трговија со дрога, хероин кој требало да влезе во Македонија, а најверојатно бил наменет за понатамошен транспорт во земјите на западна Европа. Со овие активности е разбиена криминална група за која постоеја индиции дека подолг период се занимава со вакви актвности, соопшти МВР.

Имено, по преземени оперативни мерки и актвиности од страна на стручните служби, утврдено е дека набавката на хероинот го организирале лицата Ф.Р.(47) и К.Р.(29) од Струга, додека лицето И.Р.(29) од Гостивар бил задолжен за организација на транспортот на хероинот во Македонија. За таа цел било набавено ПМВ „АУДИ А6“ во кое бил направен специјален бункер, а како транспортери на дрогата биле ангажирани лицата З.И.(26) и Д.С.(32) двајцата од Гостивар.


Врз основа на претходно добиени оперативни сознанија на ЕБПНТД при ООК и преземени координирани мерки и активности на 02.06.2010 година, во 11,30 часот, на влез во Р.Македонија на граничниот премин „Делчево”, сопрено е ПМВ „АУДИ А6” со гостиварски регистарски таблици управувано од З.И.(26), а како сопатник Д.С.(32) и извршен е детален преглед на возилото, при што во специјално направен бункер во задниот браник на возилото се пронајдени четири пакувања неправилна овална форма облепени со широка кафена селотејп лента во која имало околу два килограми прашкаста материја – хероин.

Заради целосно расчиствување на случајот, врз основа на добиена наредба од надлежен истражен судија на 02.06.2010 во 17,30 часот извршени се претрес на дом и други простории кај лицата Ф.Р.(47) и К.Р.(29) од Струга, И.Р.(29), И.З.(26) и С.Д.(32) сите од Гостивар. За време на извршениот претрес во домот на лицето Ф.Р.(47) пронајдени се 51.000 евра, 3.100 швајцарски франци и околу 250 парчиња муниција со различен калибар, додека за време на останатите претреси на дом и други простории не се пронајдени предмети поврзани со кривично дело.

Одземените пакувања се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на МВР, при што е утврдено дека се работи за вкупно 1 кг. и 995 гр. хероин.

Денеска, од страна на ООК до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против Ф.Р.(47), К.Р.(29), И.Р.(29), С.Д.(32) и И.З.(26) за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”  казниво по член 215 став 3 од КЗ на РМ.  Лицата Ф.Р.(47), С.Д.(32) и И.З.(26) се приведени во ПС„Гази Баба“, додека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата К.Р.(29), И.Р.(29).

Изминативе пет месеци активностите на стручните служби при Министерството, насочени кон спречување и откривање на недозволената трговија со дроги, резултираа со откривање на вкупно 233 кривични дела од кои 197 кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции“ за што се пријавени 246 сторители и 36 кривични дела „овозможување на употреба наркотични дроги“, за што се пријавени 43 сторители.

OhridNews
Извор: МВР