Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност во МВР, во соработка со СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции, а во координација со Основното јавно обвинителство Струга, сузби криминална група која се занимавала со набавка и продажба на марихуана во Струга, Охрид, Битола, Велес и Тетово. Во повеќе координирани акции досега од слобода се лишени 10 лица македонски државјани и при претресите се запленети околу 20 килограми марихуана, други опојни дроги, седум возила и еден мотоцикл, информира МВР.

Во текот на истрагата било утврдено дека групата била предводена од 25-годишно лице од Струга, кое било задолжено за набавка, организирање на транспорт и дистрибуција до уличните дилери заради понатамошна препродажба и уште едно 23-годишно лице од Струга, кој дрогата ја криел во викенд куќа во с.Горна Белица, каде таа била пакувана и доставувана на за понатамошна продажба.

На почетокот на август 2019 година на регионалниот пат Ресен-Битола извршен бил преглед во патничко возило „мазда“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 38-годишен жител на Велес и биле пронајдени околу 4,5 килограми марихуана, додека при претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени уште 2,5 килограми марихуана. Исто така, во рамки на спроведеното истражување на подрачјето на Охрид, од слобода се лишени две лица од Скопје. При претрес во апартман во населба Лагадин, каде што привремено престојувале и во патнички возила „опел вектра“ и „фолксваген пасат“, биле пронајдени и одземени околу три килограми марихуана.

Во средината на август на влезот на Битола, при преглед на патничко возило „мицубиши“ управувано од 32-годишен жител на Битола, била пронајдена и одземена марихуана, за што била поднесена соодветна пријава. При крајот на август од слобода се лишени две лица од Тетово, бидејќи при преглед на патничко возило „БМВ“ на регионален пат с.Фалише и с.Сараќино биле пронајдени и одземени околу 10 килограми марихуана. Сите овие лица дрогата ја набавувале од првоосомничените жители на Струга.

Исто така, на 04.09.2019 извршени се претреси на повеќе локации во Охрид и Струга кај членови на криминалната група. Во Охрид се извршени претреси на две локации при што била пронајдена и одземена марихуана. На подрачјето на Струга извршени се претреси на домови и други простории на пет локации при што биле пронајдени и одземени две дигитални ваги, патни торби со остатоци од марихуана, мобилни телефони, СИМ картички, пиштол „Чешка Зброевка“, една рамка и 16 куршуми, патничко возило „фиат пунто“ и мотоцикл „трува“, соопшти МВР.

Сите осомничени биле лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Врз основа на судска наредба извршен е претрес и во дом и други простории кај уште едно 32-годишно лице во Струга поради сомнение за инволвираност во недозволена трговија со дрога. Притоа, биле пронајдени и одземени марихуана и шишиња исполнети со непозната течност, за што по извршено вештачење дополнително ќе биде поднесена кривична пријава.

OhridNews