Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, е претпазлив во пресрет на двомечот со полски Кјелце во рамки на четврт-финалето од Лигата на шампионите, а воедно смета дека првиот меч во Скопје (11 или 12 април) мора да биде добиен ако „црвено црните“ сакаат пласман на завршниот турнир во Келн.
– Кјелце е еден од најдобрите светски тимови, кој е предводен од врвен тренер и ќе биде навистина тешко да се елиминира. Во моментов ме интересира само првата средба во Скопје, која мораме да ја добиеме ако сакаме да останеме во игра за фајналфорот во Келн. Не се оптоварувам со мисли за тоа колку разлика ќе биде нашата евентуална предност. Мотивацијата ќе биде клучна, а ние досега покажавме дека вакви мечеви го вадат максимумот од сите нас. – вели тренерот Раул.
Шпанскиот стратег има голем респект за тренерот на полскиот тим, Талант Душебаев, чиј помошник беше своевремено.
– Одлични ги познавам квалитетите и размислувањата на Душебаев, како што тој одлично ме познава мене. Ќе биде интересно да ги одмериме силите во еден ваков значаен двомеч. Секоја средба е приказна за себе и навистина со нетрпение го очекувам дуелот со Кјелце. – дополни Гонзалес.
Извор : Р.К. Вардар
Ohridnews