Шпанскиот стручњак Раул Гонзалес Гутиерез е нов тренер на македонскиот ракометен првак Вардар. Со назначување на Шпанецот за тренер на вардарци конечно се стави точка на сагата околу новиот шеф на „црвено црните“.

– Би сакал најпрвин да се заблагодарам на претседателот Сергеј Самсоненко за укажаната доверба, да го водам клубот, кој има амбиции да биде еден од најдобрите во Европа. Тоа е шанса која еден тренер не смее да ја испушти, особено ако се земе предвид нивото на екипата, и можноста да се биде дел од еден таков проект . Уверен сум дека како тренер, ќе дадам се од себе, за да ги исполнам поставените задачи на највисоко ниво. Им благодарам на сите, кои срдечно ме дочекаа, и се надевам дека набргу ќе се привикнам на динамиката на животот, и на потребите на екипата. Во вториот дел од сезоната ќе продолжиме со истиот состав, и приоритетна цел ни е да ја минеме групната фаза, а потоа да одиоме чекор по чекор – изјави новиот тренер на Вардар, Раул Гонзалес.

Задоволство од постигнатиот договор со шпанскиот стратег искажа и првиот човек на Вардар, Сергеј Самсоненко, кој додаде – Имаме можност да ви ги претставиме големите засилувања во машкиот и во женскиот клуб. Тренер на машкиот клуб ќе биде Раул Гонзалес Гутиерез, кој беше прв со кој разговарав по завршувањето на соработката со Зоран Кастратовиќ, уште во октомври минатата година. Потоа разговарав со уште двајца други тренери, но на мое големо задоволство, од денес Раул ја презема машката екипа, и планираме тука да биде до 2016 година. Се надевам дека Раул е вистинскиот избор, за Вардар да ги оствари целите кои ги поставивме.

Во женскиот ракометен клуб Вардар се приклучи Тања Медвед, а ќе ја извршува позицијата спортски директор.

Извор : „Р.К. Вардар“
Мх.П.