Забалото на човекот го карактеризираат млечна, мешана и трајна дентиција. Млечните заби почнуваат да никнуваат околу шестиот месец од животот, а до третата година во устата се присутни сите млечни заби. Млечната дентиција брои вкупно 20 заби од кои 8 се секачи, 4 очњаци и 8 катници. Во периодот на никнење на забите во устата на детето се лачи повеќе плунка, тоа има послаб апетит, а во ретки случаи може да се јави и зголемена телесна температура, што како ретка појава се смета за нормална и не бара дополнителни интервенции. Околу шестата година од животот никнува првиот траен заб, долна трајна шестка. Тогаш млечната дентиција преминува во мешана, бидејќи во устата истовремено се присутни и млечни и трајни заби. Подоцна никнува вториот траен заб, долната шестка од спротивната страна на вилицата, а понатака постепено млечните заби се заменуваат со трајни.
Многу е важно млечните заби да се присутни во устата се до моментот на изникнување на трајните заби кои треба да ги заменат на соодветното место. Секој млечен заб му го чува местото на својот траен заб кој треба да го наследи, а во случај на предвремено губење на млечното запче, се намалува слободниот простор во кој треба да се најде трајниот заб, што понатака може да доведе до погрешен распоред на трајните заби, односно да предизвика различни ортодонтски аномалии. Мешаната дентиција трае до дванаесеттата година кога и последните млечни заби, млечните катници ќе се заменат со трајните предкатници. Оттука започнува периодот на трајната дентиција кој трае цел живот. Растот на забите продолжува така што околку дванаесеттата година никнуваат другите трајни катници, а помеѓу седумнаесеттата и дваесет и петтата година никнува и последниот траен заб – третиот траен катник ‘’осмицата’’. Не ретко се случува третиот траен катник воопшто да не изникне, а неговиот недостаток не предизвикува никакви пречки во вилицата. Може да се случи забот да е развиен, а да не може да изникне и истиот може оперативно да се отстрани. Ваков зафат се препорачува само во случај ако неизникнатиот заб смета во развојот на трајното забало или предизвикува периодична болка. Важно е да се напомене дека постојат индивидуални варијации во времето на никнење на забите, па може да се случи некој заб кај некого да изникне многу порано или подоцна од вообичаената хронологија на растење. Целосно развиената трајна дентиција брои 32 заба, од кои 8 секачи, 4 очњаци, 8 преткатници и 12 катници.
Грижата за забите започнува со појавата на првото запче и треба да трае цел живот. Со појавата на првото запче треба да се избере адекватна четкичка и редовно да се води грижа за оралната хигиена. Исто така се препорачува родителите да ги одведат своите децата на стоматолог уште со никнувањето на првите запчиња, без разлика колу здрави изгледаат запчињата.
Овие превентивни контроли не се корисни само за проверка на забите, туку преку нив детето станува свесно за важноста на оралната хигиена и оралното здравје во целост и на тој начин ќе стекне рутина и поматаму во текот на својот животот редовно да ги обавува ваквите превентивни стоматолошки прегледи. Препорачливо за секој човек е да врши превентивни стоматолошки контролни прегледи на секои шест месеци. На тој начин се намалува веројатноста од ненавремено детектирање на појава на расипан заб и негово евентуално губење заради недоволна грижа. Грижата на оралното здравје секако многу зборува и за личната култура на секој човек, како од здравствен така и од естетски аспект. Оралното здравје има големо влијание врз целокупното здравје на организмот кај човекот , а секако убавата насмевка и пријатниот здив треба да се првиот впечаток го оставаме за нас.
Пишува
Д-р Сашо Стоев ,
ПЗУ Стоматолошка Ординација ‘’Д-р Сашо Стоев’’