Расте задолженоста на граѓаните во банките. Според најновите податоци од Народната банка во јули вкупната кредитна задолженост на граѓаните изнесува 1,8 милјарди евра и во однос на јуни е зголемена за 23 милиони евра. Анализирано по категории, граѓаните најмногу должат по основ на потрошувачки кредити, станбени кредити и кредитни картички.
Така, задолженоста за потрошувачки кредити изнесува 850 милиони евра, за станбени кредити над 436 милиони евра, а долгот на граѓаните по основ на кредитни картички изнесува нешто повеќе од 200 милиони евра, или вкупно само по овие три основи задолженоста на граѓаните изнесува скоро 1,5 милијарди евра.
“Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јули покажуваат натамошен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, со поумерена динамика во однос на претходниот период, што не е невообичаено за овој период од годината. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во јули изнесува 9% и е во рамки на проекцијата за третиот квартал од 9,8%“, се наведува во последното соопштение на Народната Банка.
Последните податоци од Анкета за кредитната активност на банките покажуваат дека во периодот што следува не се очекува олеснување на условите за кредитирање на населението, односно трендот на олеснување на кредитните услови, што почна во 2012 та година, сега значајно забавува.
Од друга страна, податоците на Народната банка покажуваат пораст на блокираните сметки. Во јуни, бројот на блокирани сметки на граѓаните изнесува 172.339 сметки или за околу 2.330 повеќе од претходниот месец. Најчесто, блокирањето на сметките е поради неплатени рати за кредити, како и комунални долгови, радиодифузна такса.
OhridNews
Извор: „24 Вести“