Kако што пренесува „Макфакс“, од почетокот на годината до денеска во сообраќајни несреќи загинале 95 лица. Во првите шест месеци на македонските патишта животот го загубиле 69 лица, во месец јули 19, а за само десетина дена од месец август на жешкиот асфалт имало 10 жртви.
„Во 2009 година во сообраќајни несреќи животот го загубиле 160 лица, а во 2008 година, бројката е слична. Тогаш животот го загубиле 162 лица“ изјави Трајче Георгиев, виш полициски советник во секторот за сообраќај.
Човекот, неговото внимание, одговорност и култура, експертите ја посочуваат како една од фактори за сообраќајните несреќи. Тука се и неприлагодената брзина, непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, како и употребата на алкохол.
Во 99 отсто од сообраќајките невниманието на возачот е причина за сообраќајните несреќи, сметаат експертите.
„Апелираме возачите да го контролираат вниманието и да му биде насочено кон патот, да ја почитуваат брзината која е пропишана, да си го планираат времето на патување, да си ја прилагодуваат климата во автомобилот, односно разликата да не биде поголема од 10 степени, во автомобилот и надвор од него и да не ги форсираат своите автомобили“ порача Љупчо Ставревски од, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.
„Се е во рацете на возачите. Нивниот живот, животот на сопатниците, како и живот на оние кои ги користат патиштата“, порача Ставревски.
Како главен фактор за сообраќајните незгоди се посочува и увозот на половните автомобили. Експертите сметаат дека колку што е поголема безбедноста на возилото, толку е поголем и бројот на жртвите.
Од РСБСП признаваат дека безбедноста на патиштата низ земјава не е на високо ниво, но велат дека тие како тело не можат директно да влијаат на институциите.
Пред околу една недела четворица штипјани загинаа при директен судир на два голфа на патот Штип – Велес, кај селото Кадрифаково.
Повредени беа и двајца сопатници. Како причина за собраќајката, неофицијално се посочуваше неприлагодената брзина.
извор: „Макфакс“