Масовните напади врз жените во новогодишната ноќ во Келн и во другите германски градови, поради коишто се поднесени до неделата ноќта повеќе од 600 кривични пријави, а полициската истрага главно е насочена кон барателите на азил, го зголемува притисокот врз канцеларката Ангела Меркел и нејзината политика на отворени врати за имигрантите и бегалците, јавува „Макфакс“.
Според полициските податоци, покрај за кражби, околу 40 отсто од пријавите вклучуваат и сексуални престапи, меѓу кои и две за силувања. Истрагата во Келн, каде што првично беше објавено дека новогодишната ноќ минала мирно, и натаму трае и во неа се вклучени стотина полициски офицери, а полициските патролите се зголемени.
Нападите, во кои цели главно биле жени, во Германија предизвикаа жестока расправа за политиката на отворени врати која придонесе околу 1,1 милиони бегалци и имигранти да влезат во Германија во текот на 2015 година.
Фактот што овие напади биле ненадејни, како и раширени од Келн, преку Берлин, Хамбург, Диселдорф до Франкфурт, го поттикна министерот за правда Хеико Маас во медиумите да го изложи мислењето дека тие акции биле планирани и организирани.
Расправата за имигрантите уште повеќе се вжешти по сознанието на власите на сојузната земја Северна Рајна Вестфалија дека мажот кој мината седмица беше убиен во француската престолнина Париз додека се обидуваше со нож и лажен појас со експлозив да влезе во полициска станица, бил барател на азил со седум лажни идентитети кој живеел во Германија.
Полицијата во Келн во неделата вечерта соопшти дека досега подигнала 516 кривични пријави против поединци или групи поврзани со нападите во новогодишната ноќ. Полицијата во Хамбург, пак, објави дека се подигнати 133 кривични пријави по идентични обвиненија. И полицијата во Франкфурт потврди дека поднела кривични пријави за слични дела, но во нешто помал број.
Нападите кои ги поттикнаа протестите на десницата во саботата се закануваат со натамошно губење на довербата во канцеларката Ангела Меркел и јакнење на поддршката за антиимигрантската и антиевропска нова партија Алтернатива за Германија (AfD). Популарноста на Меркел започна да опаѓа откако таа се спротистави на повиците да го ограничи приливот на имигранти во земјата.
Истражувањето на јавното мнение нарачано од јавната телевизија ARD покажува дека со работата на канцеларката Мерклер се задоволни 58 отсто од избирачите, во споредба со дури 75 отсто во април 2015 година. Покрај тоа, три четвртини од испитаниците сметаат дека миграцијата е најважното прашање со кое владата мора да се справува во 2016 година.
OhridNews
извор:„Макфакс“