Интересот кај француските туристи за посета на Македонија и охридско-струшкиот регион расте.

За нив е важен пречекот од угостителите, но и познавањето француски јазик, изјави деновиве за медиумите директорката на Францускиот институт во Скопје Марки Барбо.

-За француските туристи и оние од франкофонските земји многу е важен пречекот. Кога ќе дојдат во еден хотел или ресторан, иако сите зборуваат англиски овде и не е проблем да се разберат, би било поубаво кога би можеле да ги пречекаат на француски јазик. Познавањето француски јазик за дочек на француските туристи е многу важна работа, рече Барбо, посочувајќи дека интересот кај французите би бил уште поголем доколку нашите хотелски работници би говореле вториот официјален јазик во Европската унија.

Она што ги привлекува гостите од Франција за да ја посетат земјава, според неа, е преубавата природа, планините, изворите, езерата, културните манифестации и знаменитости.

Според весникот „Турист Маг“ лани биле регистрирани 14 отсто повеќе француски туристи во Македонија во споредба со 2013-та година. Минатата година Македонија ја посетиле 5.327 француски туристи со што бројот на ноќевањата се зголемил за 28 проценти.

OhridNews