Расте бројот на охриѓанки кои се одлучуваат да родат трето дете, откако Владата на Република Македонија започна да доделува субвенции за проширување на семејствата.

Според статистичките податоци за корисниците на детски додатоци говорат дека само во текот на 2014 година биле евидентитрани 297 охридски семејства кои се корисници на  додаток за трето родено дете. Оваа бројка е за 60 поголема од бројката на семејства која била евиденирана во 2013 година, кога се запишани 237 корисници на овој родителски додаток.

Дека континуирано се зголемува бројот на трето родени деца во Охрид покажува и споредбата на бројките од  Публикациите за социјална заштита на деца и млади кои ги објавува Државниот завод за статистика. Според нив во 2012 година на подрачјето на Охридскиот регион биле регистрирани 187 корисници на додаток за трето дете, во 2011 година биле евиденирани 132, а во 2010 година биле запишани 94 вакви корисници.

-Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години, во висина од 8.048 денари. Износот се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. Правото на родителски додаток го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање,  чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање, пишува во условите за добивање на овој додаток објавени на Министерството за труд и социјална политика.

Барање за остварување на право за родителски додаток за трето дете се поднесува до Центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое мајката има постојано место на живеење, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето.

Дел од родителите кои веќе ја користат оваа субвенција велат дека средствата ги заштедуваат за школување на децата.

-Овој додаток го земаме веќе една година, на децата им имаме отворено сметка, на која ги штедиме сите средства од овој додаток. За десет години според наши преметки ќе треба да бидат собрани околу 15.000 евра, кои ќе ги искористиме кога децата ќе треба одат на факултет, вели млада мајка која е родител на три деца.

Според неа, грижата за три деца не е лесна, но се надева дека работата околу семејните обврски ќе и се олесни кога децата ќе бидат поголеми и кога ќе можат да се грижат за себе.

Инаку статистичката евиденција за корисниците на детски додатоци покажува дека во 2014 година на подрачјето на Охрид биле евидентирани 464 семејства кои користат Детски додаток  за покривање на дел од трошоците во подигање и развој на детето и 215 семејства кои се корисници на Посебен детски додаток. Во текот на минатата година Правото за користење на еднократна помош за прво новородено дете, која изнесува 4.829 денари ја искористиле 243 охридски семејства.

Е.М