Бројот на охриѓани кои се корисници на социјална заштита од година во година бележи континуиран пораст. Според статистичките податоци објавени во публикацијата „Социјална заштита на деца, млади и возрасни 2014-2015“ која ја објави Државниот завод за статистика, на подрачјето на Охридскиот регион во текот на ланската година биле евидентирани 913 полнолетни лица кои се корисници на социјална заштита по различни основи. Оваа бројка е за 30 поголема од бројката во 2013 година, кога во листата на корисници на социјална заштита биле евидентирани 883 лица,.
Дека континуирано се зголемува бројот на корисници од оваа категорија покажува и споредбата со претходните години, кога биле евидентирани значително помал број на корисници. Според публикацијата за социјална заштита во 2012 година на подрачјето на Охрид биле евидентирана бројка од 431 корисник на социјална помош. Во 2011 година, во евиденцијата на социјално загрозени биле запишани 340 лица, во 2010 биле евидентирани 317, а во 2009 година 114 полнолетни корисници на социјална заштита од Охрид.
Статистичката евиденција од 2014 година покажува дека најголема бројка или 350 лица се запишани во категоријата на Социјално исклучени. Втора по бројност е листата во категоријата Лица со пречки во менталниот развој, каде се евидентирани вкупно 339 корисници. За телесен инвалидитет, социјално се обезбедени 68 охриѓани, а социјална заштита добиваат и 58 лица кои имаат комбинирани пречки во развојот. Социјалан помош од државата добиваат и 32 лица со оштетен вид, 25 лица со оштетен слух како и 38 стари лица од Охрид.
Во публикацијата со податоци од 2014 година, може да се види дека во Охрид има евидентирано и 813 малолетни лица кои се корисници на социјална заштита. Оваа бројка е за 278 поголема од бројката во 2013 година, кога биле запишани 535 корисници на социјална заштита од оваа категорија.
OhridNews