Сагата со шлаканицата на Вил Смит на „Оскарите“ можеби се приближува кон својот крај порано од очекуваното, пренесуваат западните медиуми. Дејвид Рубин, претседателот на американската Академија за филмски уметности и науки, го помести состанокот за повеќе од една седмица, посветен на можните санкции за Смит откако глумецот го нападна комичарот Крис Рок за време на доделувањето на „Оскарите“.
Состанокот ќе се одржи утре, петок, наместо на 18 април, откако Смит минатата недела поднесе оставка во Академијата и веќе не може да биде суспендиран.
Датумот 18 април беше одреден во согласност со законите на Калифорнија и нашите Правила на однесување, бидејќи нашата агенда вклучуваше можна суспензија или исклучување на г-дин Смит од членството. Од нас се бараше да му доставиме известување на г-дин Смит 15 дена пред состанокот на одборот на којшто може да се преземе такво дејство, а исто така да му дадеме и можност за писмена изјава не помалку од пет дена пред тој состанок, се наведува во соопштението.
Скандалот настана кога Смит му удри шлаканица на Рок на сцената на доделувањето на наградите на 27 март, откако комичарот се пошегува дека „со нетрпение чека да ја види сопругата на Вил – Џејда Пинкет-Смит, во ’Џи-Ај Џејн 2‘,“ имајќи го предвид филм од 1997 година во којшто Деми Мур глуми со избричена глава.
Пинкет-Смит лани си ја избричи главата бидејќи се справува со алопеција, т.е. опаѓање на косата.
OhridNews