Во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), денеска, беше извршена ждрепка на броевите, а потоа формиран распоредот и презентирани термините за мечевите во Супер лигата.
И оваа сезона дел од македонската ракометна елита ќе биде Ракометниот клуб Охрид. „Гладијаторите“ го добија бројот три во распоредот, кој пак, донесе поволен возен ред во Супер лигата.
Избраниците на Раде Стојановиќ сезоната ја отвораат на домашен терен против Тиквеш, а во втората рунда ги очекува „Езерското“ дерби со Струга, на теренот од противникот. Во третата, Охрид, го пречекува Вардар, а потоа следува средбата со Радовиш. Во петтата и шестата, Охрид е домаќин на Скопје односно Еурофарм Пелистер. После следуваат дерби пресметките со Бутел Скопје нагости, Металург дома, Пролет нагости, Прилеп дома и Еурофарм Пелистер 2.
Првите шест екипи на табелата обезбедуваат пласман во плејофот, а вторите ќе разигруваат за опстанок. Сите екипи ќе пренесат одреден број на бодови, во зависност од пласманот на табелата.
Планот на РФМ е до крајот на тековната година да се одиграат 17 мечеви од регуларниот дел. Мечевите да продолжат во февруари и до март да се завршат. Потоа во март, април и мај да се финишира сезоната. Новата сезона стартува на 8 септември.
OhridNews