Врховниот суд на Индија денеска издаде налог за апсење (без можност за кауција) на Субрата Рој, шеф на компанијата „Сахара“, јавуваат индиските медиуми, пренесува „Утрински весник“.
Контроверзниот бизнисмен, кој најави големи инвестиции во Македонија, не се појавил на важното рочиште во Врховниот суд поврзано со враќањето на 4 милијарди долари на стотина милиони измамени мали инвеститори.
Како што пишува весникот, адвокатот на Рој, Рам Џетмалани, пред судиите изјавил дека тој не можел да дојде на рочиштето, затоа што бил да ја види неговата болна мајка во главниот град на државата Утар Прадеш, Лакнов. Адвокатот Џетмалани побарал дополнително време за Рој за да се појави на судењето. Тројцата други повикани директори се појавиле пред врховните судии.
Врховниот суд наредил тој да биде доведен на новото закажано рочиште на 2 март. Врховниот суд уште соопшти дека „ја загубил вербата во компанијата ’Сахара‘“.
Инаку, судот на 20 февруари нареди Субрата Рој и уште тројца директори лично да се појават во судницата за да објаснат зошто не им ги враќаат парите на измамените инвеститори.
OhridNews
извор: „Утрински весник“