Охридската локална самоуправа деновиве преку Елекронскиот систем за јавни набавки објави оглас за Одржување на јавното осветлување, проширување на мрежи за јавно осветлување и изведба на електро инсталации за потребите на општина Охрид.
Проценетата вредност на јавната набавка изнесува околу 95.000 евра или точно 5.918.078 денари и е поделена на три дела. Првиот дел се однесува на Набавка и монтажа на елементи за одржување на јавното осветлување. Вториот дел се однесува за набавка и монтажа на материјали за проширување на електрични мрежи за јавно осветлување, а третиот дел се однесува на набавка и изведба на електро инсталации во објекти кои се во сопственост и користење на општина Охрид. Критериум за доделување на договорот за јавна набавка е најниската понудена цена, а огласот ќе трае најдоцна до 26-ти јуни 2015 година до 15:30 часот.
Иако уредно беа доставени прашања до Секторот за односи со јавност и неколку надлежни служби во општината, не успеавме да добиеме одговор зошто општината распишува оглас за одржување на јавно осветлување кога веќе има договор за Јавно приватно партнерство со Фирмата „ИСЦ-Системи“ од Карлови Вари, Чешка која според најавите на општината во наредните 15 години треба да се грижи за осветлувањето во Охрид и да инвестира 3 милиони и 570 илјади евра за модернизирање и проширување на системот за јавно осветлување. Не добивме одговор и на прашањето дали и кога ќе започне реализицијата на договорот со чешката фирма.
Инаку на седницата на Советот на општина Охрид одржаната 29-ти април 2015 година, советниците не ја изгласаа одлуката за поништување на постапката по огласот за воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување со чешката фирма иако истото беше побарано од градоначалникот Никола Бакрачески.
Според информациите кои беа објавени по потпишување на договрото со „ИСЦ-Системи“ и согласно со Физибилити студијата, приватниот партнер треба да изврши замена на 7.627 постоечки светилки со лед енергетски ефикасни светилки и дополнително да изведе 620 нови сијалични места во Охрид.
Исто така беше најавено дека треба да изврши замена на постојните 4.000 конзулни држачи кои се поставени на дрвени столбови со метални столбови кои што по стандарди одговараат за улично осветлување. Во Стариот дел на градот, покрај кејот и некои други локации кои што општина Охрид ќе ги утврди ќе се постават 461 светлечки фенери кои ќе бидат автентични и препознатливи за градот. Понатака, ќе бидат поставени 103 рефлектори кои ќе служат за илуминација на значајни објекти низ Охрид и дополнително вградување на 49 подни рефлектори кои исто така ќе служат за илуминација на објекти.
OhridNews