Интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ го распиша конкурсот за нови композиции што ќе бидат дел од годинешното јубилејно 30-то по ред фестивалско издание.

Новите композиции ќе бидат премиерно изведени на Фолк- вечерта предвидена за 1 септември, како и Интернационалната вечер закажана за утредента 2 септември на сцената Долни Сарај во Охрид.

Организаторот на фестивалот соопшти дека и годинава манифестацијата дава голема подршка на дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на 30-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“.

Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите, бидејќи Охрид фест го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот, се наведува во соопштението на организаторот.

Условите за учество на „Охрид фест – Охридски трубадури 2023“ се доставена демо-снимка со наслов на композицијата и текст на македонски јазик, назнака за која од фестивалските вечери е испратената композиција. Исто така, композициите не смее да се претходно изведувани, демо-снимките да бидат проследени со пратечки инструменти, пијано и гитара и со наведени податоци за авторите.

На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учество. Авторските композиции треба да се испратат на адресите [email protected], [email protected] и [email protected].

Рокот за поднесување на пријавите е 1 јуни 2023 година.

OhridNews