Здружението за литература, култура и наука „Бран“ од Струга и списанието „Бранувања“ распишаа конкурс за наградите „Крсте Чачански“, за необјавена збирка на кратки раскази, и „Јован Котески“, за необјавена поетска збирка.

Според конкурсните услови, расказите, односно песните, не треба да се  објавувани.  Секој расказ да не биде подолг од 100 реда (три страници новинарски проред) и да има наративна форма. Поетската збирка треба да содржи најмногу 50 песни, а секоја песна да не биде подолга од 30 стихови.

Ракописите во четири примероци отчукани на Times New Roman или Arial   со македонска поддршка или снимени на ЦД треба да се пратат на адреса: „Бранувања“, ул. „Нико Нестор“ 22, 9300 Струга, со назнака: конкурс за наградата „Крсте Чачански“, односно „Јован Котески“, најдоцна до 20 април 2014 година, и по електронски пат на: [email protected] и [email protected].

Две тричлени жирија од македонски писатели ќе ги  изберат наградените книги, кои ќе бидат објавени и промовирани на денот на доделувањето на наградите, во јули 2014 година.

Досегашни добитници на наградата „Крсте Чачански“ се Христо Петрески, Милован Стефаноски и Петре Димовски, а на наградата „Јован Котески“ – Трајче Кацаров, Санде Стојчевски и Витомир Долински.

OhridNews