Најтрофејниот клуб во македонскиот фудбал, Вардар поминува низ турбулетниот период од кој се уште не знае дали и со какви последици ќе заврши. Стручниот штаб и фудбалерите не ги започнаа подготовките бидејќи неизвесноста околу нивната судбина „црвено црните“ е повеќе од неизвесна, без паричен надоместок и никаква надеж за крај на агонијата.

Тешко ми е затoа што да разговараме наместо за ЛШ, разговараме за опстанок на клубот. Тоа е тотално депримирачки за нас. Се уште траат преговорите за нови сопственици, но сите сме песимисти. Мора да има некаква развршница. Испраќам еден апел до Град Скопје, до сите што го сакаат Вардар, до „Комитите“… една молба до сите да направат нешто. Самсоненко е долго време во Вардар, пет години со него клубот го направи историскиот успех, а во последните две е со големи проблеми и не може да финансира повеќе. Факт е дека тој не е повеќе спремен да го спонзорира клубот и да се надје решение. Вардар е наш бренд. Каков е ракометот, таков е и фудбалот. Постои долг, но да се надеваме дека ќе успее да се заврши тоа. Апел до сите, без разлика дали јас ќе бидам тренер или друг или кои ќе бидат играчи – спасете го клубот. Најважно е тоа во моментов, да се зачува гордоста на многу генерации и македонски фудбалери. – изјави тренерот на Вардар, Александар Васоски за „Gol.mk“.

Капитенот Филип Гачевски беше нешто по остар од тренерот и рече оти не може да верува дека клуб како Вардар е оставен на цедило.

Многу е лоша ситуацијата и сериозна е. Не ми се верува како фудбалер и капитен на Вардар, во екипа што сум пет години, дека може да се дозволи најголемиот фудбалски клуб во земјата да го допре дното и да му се случуваат такви работи какви што му се случуваат сега. Апелирам до сите што се во Македонија, да се спаси Вардар. Не смее да дозволиме да пропадне таков бренд, а ситуацијата е нависитна алармантна. Сите сме разочарани. – рече Гачевски.

Црното сценарио во Вардар беше најавено уште минатата сезона кога поради долгови кон играчите и загубени судски спорови во УЕФА, клубот доби суспензија за настап во европските натпреварувања. Сличен епилог имаше и ова лето, но овој пат на играчите им дојде преку глава и рекоа доста е!

OhridNews