Расказот „ Мојата куќа во Крс Џамија“ под шифра „ Куќа“ е избран за најдобар на конкурсот распишан од Општина Охрид во рамки на манифестацијата „Вечер на Чинго“ .
Од вкупно пристигнатите 73 раскази, жири комисијата во состав: Смиле Наумоски- претседател и членовите Тоде Илиевски и Милчо Јованоски, се одлучила токму за овој расказ, кој се издвоил од останатите како една прекрасна композиција.  

Ги прочитавме сите раскази и вчера ги издвоивме најдобрите пет што секој од нас ги има издвоено како најдобри и по методата на споредба од петте го издвоивме расказот кој се издигна над сите други со една прекрасна композиција како структура на расказ, со еден прекрасен уметнички израз, со доволно слики за да може да биде рационален, но на еден експресивен начин да го пренесе она што сакаше авторот да го пренесе до читателите, истакна претеседателот на жири комисијата, Наумоски.

Членовите на комисијата изразија задоволство што и оваа година на конкурсот се пријавиле голем број раскази што покажува дека Живко Чинго има голем број свои следбеници.

Работевме напорно и професионално не дозволивме ниту еден расказ да не биде прочитан или анализиран , бидејќи секој труд треба да се вреднува независно дали ќе видите дека некогаш темата е промашена, наше е до крај да ги прочитаме. Мое мислење е дека имаше различни теми пред се од секојдневието како и од минатото и се трудевме да избереме уметнички расказ кој ќе има уметнички вредности, стилски издржан со пораки  и метафори, расказ кој ќе ја означи вонвременската димензија и на постоењето на луѓето, времето и ова наше парче Македонија, рече Милчо Јованоски.

Паричната награда на авторот ќе му биде врачена на 13-ти август во рамки на културната манифестација „Вечер на Чинго” што Општина Охрид ја организира во селото Велгошти, родното место на писателот Живко Чинго.

OhridNews