Кога пред повеќе од две децении, младите неафирмирани рапери го запалија фитилот на една нова движечка сила во музиката, никој не веруваше дека таа љубов ќе тлее до денес. Дури и најголемите оптимисти од таа доба, со резервност гледаа кон „новопечените“ музичари. Тие не само што го лансираа „рапот“ како светски тренд, туку создадоа свој стил на живеење. Ако некои се прашуваа колку далеку ќе отидат момците од крајбрежјето на Америка, со сигурност не претпоставиле дека рапот ќе го издигнат во музика на 21-виот век.

Уште во раните деведесети, овој музички правец зема се поголем замав во земјава. Следејќи ги претходниците на ова супкултурно движење, мотото „Ако рапот беше женско, за рапот ќе се оженев“ стана една од најпопуларните фрази во македонското „подземје“. Додека, слоганот „Рапот не се пее, рапот се живее“ веќе 12 години ја одржува креативноста на охридскиот рап состав Bad Contract.

Со рапот се запознавме уште како деца, преку постариот брат на Маца. Звуците ни останаа во сеќавање, што беше причина плус да се пронајдеме во оваа култура. Пред повеќе од 12 години го создадовме бендот Резигнација,  оставајќи зад себе еден демо албум. Како Bad Contract опстојуваме од 2001-ва година, а турбулентниот период го означивме со четиргодишна пауза. Во 2008-мата се вративме на сцената, полни со идеи и енергија“ – вели Наум Долоски – Мечкаров, член на овој охридски рап состав.

Пред неколку години, момците од Bad Contract го издадоа својот прв студиски албум насловен како „BC Генерација“. Во моментов, тие  работат на новиот материјал кој треба да излезе на почетокот од јануари. Музичките записи кои ќе се најдат на новото цд со име „Перфекција“, ги опфаќаат социјалните теми од нивните животи. „Текстовите се нашата реалност. Како музичари, се стремиме преку нив да го прикажеме нашиот живот. Секоја песна е приказна за себе, а инспирацијата доаѓа од дното на душата. Боемскиот начин на живот ни отвара теми, кои успеваме да ги преточиме во песни. Најпрвин се спрема матрицата, а потоа во „Емвипи мечка продакшн“ ги снимаме вокалите. Секој нареден процес претставува шминкање и дотерување на записот. Најбитна е пораката со оглед на тоа што 90 отсто од текстовите се метафорични.“- вели Марјан Трпески – Маца, како дел од рап составот Bad Contract.

Во приватниот живот, иако овие двајца наши сограѓани се во работен однос, сепак на крајот успеваат да издвојдат дел од слободното време за нивната најголема љубов –  рапот. Како музички состав, имаат голем број настапи во Охрид и ширум земјава. Настан кој им останува во сеќавање е деби претставувањето пред битолската публика во 2002-та година.  „Имавме многу трема. Тоа беше нашиот прв настап воопшто, и тоа надвор од родниот крај. Но публиката не прифати добро, создавајќи одлична атмосфера. Ние дојдовме со различен стил од останатите, кој е карактеристичен за охриѓани. Во оваа култура редовни се препукувањата меѓу различните рап-состави, но токму таа „конкуренција“ претставува мотив за да бидеме над останатите.“ – потенцира Долоски.

Иако двајцата се дел од овој состав, сепак одделно работат на своите соло албуми. „Ни извадија муабет дека сме распаднати како бенд, па затоа правиме соло „кариери“. Темите што не ни се заеднички, ги претвораме во сопствени записи. Овие идеи ни се тазе, а за брзо ќе биде и мојот соло албум „Nonsveratu“. Така ги изјаснуваме нашите мислења, но со исто темпо работиме на албумот „Перфекција“  – истакнува Трпески.

Во прекуокеанските земји, еволуцијата на рап музиката е насочена кон електро звуците, но во земјава таа е заглавена во минатото. „Кај нас таа еволуција не е прифатена во голема мера. Звуците се менуваат, но ние тапкаме во место. Се надеваме дека со текот на времето, ќе излеземе од тие стеги на едноумието и ќе ги прифатиме помодерните трендови на ова движење.“ – велат момците од Bad Contract.

За крај тие ја поздравуваат својата „BC Генерација“, односно охридските надежни рапери, кои во иднина ќе треба да го преземат товарот на свои плеќи. „Нашата BC Генерација е составена од сите оние луѓе и групи кои соработуваат и творат со нас. Тука се надежните „Уличен аспект“, „Црна тројка“, „Блек енд вајт“, „Чили“ и „Бобс“. Како и да е, отворени сме за соработка со сите, а мора да напоменеме дека имаме одлична комуникација не само со рап-составите, туку и со бендовите од панк, хард-кор и метал сцената во земјава“ – завршуваат Мече и Маца.

О.Т.