Неофицијално, спорна е законитоста на одлуката за поставување на рампите пред паркинзите што локалната минатата година и` ги издаде под концесија на компанијата „Сузуки“ од Охрид. Градоначалникот Петрески тврди дека рампите се поставени законски. „Постои уредна техничка документација за рампите. Единствен проблем е тој што го имаме со жителите од стариот дел на Охрид околу режимот на сообраќај во тој дел од градот кој се надевам наскоро ќе го решиме со заеднички компромис, рече Петрески.
Сепак како што дознаваме инпекторите констатирале дека општината нема комплетна документација за поставените рампи како и за успорувачите на брзина поставени на повеќе локации во градот.
Ова прашање неодамна го отворија и жителите на Месната Заедница Стар град. На средбата со претставниците на локалната самоуправа тие побараа рампите на влезовите од стариот град да се тргнат бидејќи се нелегални. Љупчо Поп Стефанија вели дека 50.000 жители на Охрид не може да бидат заложници на 5000 гости во туристичката сезона и дека рампите треба да бидат отстранети од влезовите во стариот град.
Се очекува деновиве Министерството за транспорт и врски да го објави извештајот од извршената инспекција на работата на Фондот за комунален развој во општина Охрид и да ја симне дилемата околу поставувањето на рампите.
Г. Момироски
Фото: С. Костоски