Одбраната побара увид во целокупниот доказен материјал. Адвокатот на одбраната Никола Поленак рече дека не им биле доставени 160 докази од списите во предметот.
Тој рече дека без увид во целокупната доказна документација обвинетите не можат да ја подготват својата одбрана. Одбраната побара увид во документацијата пред закажувањето на главниот претрес.
Судијката Павлина Христова, која го води случајот, рече дека поради временски и просторни услови не успеале дел од доказите да стигнат до сите обвинети, но нагласи дека ниту еден доказ нема да им биде ускратен и ќе им биде даден на увид.
Таа додаде дека увидот на докази не завршува со денешниот ден и дека ќе направи распоред за сите обвинети да ги видат целокупните докази.
Адвокатот на одбраната Мирослав Вујиќ по судењето ја поздрави одлуката на судот и рече дека вината за ова, со оглед на обемноста на предметот, не ја лоцира кај судот.
Адвокатите побараа замена на притворот за Велија и Емел Рамковски со домашен притвор.
Инаку денешното рочиште почна со еден час задоцнување поради големиот интерес на јавноста и полициската проверка на присутните.
Првообвинетиот Велија Рамковски расположен ги поздравуваше сите кои доаѓаат во судницата. Посебно ги поздрави неговите новинари и директорот на А1.
„Петти јуни го славам уште од сега“, рече Рамковски.
Обвинителството го товари Рамковски, за основање на 24 фирми во Македонија и странство кои биле раководени од членовите на злосторничкото здружување и биле ставени во функција во зависност од потребите на членовите. Во обвинението се опфатени и злоупотребите при плаќањето односно неплаќањето на рекламите, исплаќањето на огромни средства во износ од околу 430 илјади евра од медиумот на приватните сметки на Рамковски и членовите на неговото семејство кои воопшто не биле вработени во телевизијата.
Според обвинението, градењето на дивоградбата во која живее Рамковски и неговото семејство во Нерези била платена од сметката на телевизијата во износ од околу 270 илјади евра, а било прикажано дека се вршат градежни работи за телевизијата. Се переле пари преку повеќекратно плаќање на исти веќе претходно платени фактури и тоа на странски фирми кои според обвинителството биле раководени од злосторничко здружение. Била извршена исплата од една од фирмите регистрирана како книговодствено биро на еден од пишаните медиуми за наводно рекламирање во износ од околу 880 илјади евра, стои во обвинението.