Со извици „Диктатура“, „Ова е демократијата на Груевски“ и со дигнати раце со лисици сопственикот на А1 телевизија со другите приведени управители на фирмите од полициската станица Автокоманда денеска беше донесен во Основниот суд 1, јавува „Макфакс“.

Приведените беа донесени со десетина полициски комбиња, а во моментот се на распит кај истражниот судија.

Се очекува МВР денеска да соопшти колку точно лица се уапсени и колку од нив се недостапни за полицијата.

Адвокатот на Рамковски со забелешки за медиумската презентација на случајот

Адвокатот на сопственикот на А1 Велија Рамковски, Мирослав Вуиќ, нема замерки за приведувањето, туку забележува на начинот на кој што тоа било презентирано на јавноста.

„Кривичната пријава што беше презентирана од страна на МВР ние ја немаме видено и таа нема стигнато ни до Јавното обвинителство. Прво ја даваат во јавноста. Со кое право се сигурни дека таа кривична пријава така ќе биде испратена? Давани се квалификации, суми, јас не знам кој може и со кои компјутери и докази да го тврди тоа“, изјави Вуиќ.

Тој вели дека нема никакви докази за притвор на неговиот клиент и дека ова е уште еден случај како „Змиско око“.

ЗНМ: Надлежните органи да обезбедат спроведување на законите

Здружението на новинари на Македонија, по синоќешното апсење на сопственикот на А1 Телевизија, Велија Рамковски, побара органите одговорни за истрагата да обезбедат спроведување на законите, а истовремено, повика да се обезбедат услови за непречено функционирање на телевизијата и весниците „Време“ и „Шпиц“.

„Здружението апелира до надлежните органи одговорни за истрагата да обезбедат спроведување на законите и на правната држава. Во интерес на слободата на новинарството е овој и слични други случаи да се расчистат. ЗНМ ги повикува институциите да ги овозможат законските услови за непречено дневно функционирање на А1 Телевизија и на дневните весници ’Време’ и ’Шпиц’“, се вели во реакцијата од ЗНМ.

Апсењето на Рамковски за опозицијата е недемократско

 Вчерашното апсење на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, опозицијата го оцени како спектакуларно, недозволиво и недемократско, а од владејачкото мнозинство не сакаат да коментираат.

Пратеникот Владо Бучковски од СДСМ вели дека не треба да се говори за тоа дали е некој виновен или не, се додека не се докаже на суд.

„Директорот на УЈП со гостувањето во телевизии блиски на власта однапред создаде една атмосфера дека луѓето се виновни. Тоа говори дека тие не сакаат со една легална демократска процедура да се дојде до она што е основано сомневање“, изјави Бучковски.

За пратеникот Горан Мисовски од НСДП вчерашното апсење е неприфатливо. Спектакуларни „Спектакуларни апсења како што беше вчера на Велија Рамковски не прифаќаме, затоа што портпаролот на МВР и директорот на УЈП јавно кажаа дека сите лица кои се приведени активно учествувале во истражната постапка и им биле достапни на органите на државата“, рече Мисовски.

Од Нова демократија велат дека во Македонија не се дејствува според закони, туку врз основа на наредби.

„НД смета дека упадот на 23 ноември беше удар на слободата на изразувањето, а апсењето на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски веќе премина во удар на демократијата и правата и слободите на човекот. Институциите имаат многу начини како да ги разрешат спорните случаи доколку постои вина“, изјави Флора Кадриу.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не ги коментираа апсењата.

OhridNews
извор: „Макфакс“
фото: „Телма“