Првообвинетиот во случајот „Пајажина“, сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски во својот исказ пред  Судскиот совет ги отфрли како невистини обвиненијата кои го товарат за злосторничко здружување, перење пари, даночно затајување и злоупотреба на службената положба, пренесува „Макфакс“.

Во своја одбрана Велија Рамковски денеска тврдеше дека не е виновен за делата кои му се ставаат на товар и дека не постои никаква злосторничка група. Според него, тоа биле деловни и финансиски односи меѓу компаниите.

 Рамковски истакна дека како стопанственик во текот на целиот негов работен век од 40 години, никогаш и од никого не барал да не се почитуваат законите, ниту, пак, имал намера, да не и’ плати данок и другите давачки на државата. Најмногу го погодил делот од обвинението дека тој како родител ги организирал сопствените деца и својот брат во злосторничка група.

Сопственикот на А1 телевизија тврди дека сите трансакциски сметки биле банкарски и законски и дека немало никакво перење пари.

На почетокот од денешното рочиште, Рамковски побара да му се објаснат два термина од обвинителниот кат „фиктивна позајмица која нема економска оправданост“ и терминот „дневен промет во готовина врз основа на компензација“, коишто според него биле суштински за обвинувањата.

Во завршницата на денешното излагање пред судот, Рамковски, исто така, побара да му се замени мерката притвор, нему и на другите обвинети со мерката домашен притвор. Тој побара Судскиот совет да го земе предвид тоа што на најголем дел од сметките на фирмите кои се замрзнати има средства до сумата за која Кривичниот совет барал да бидат замрзнати.

Што се однесува до А1 телевизија, според Рамковски, Судот имал на располагање околу милион евра. Тој смета дека ваквата гаранција е доволна да го замени притворот со домашен притвор.

Рамковски, даде ветување дека нема да бега бидејќи, сакал да докаже дека е невин.

Освен Рамковски, денеска исказ ќе треба да дадат и Амди Рамковски, братот на сопственикот на А1 телевизија, Невин Рауф и Зоран Мицевски.

По четири одложувања и многу приговори од страна на адвокатите, минатата седмица обвинителката Гордана Гешковска и нејзината заменичка неколку часови го читаа обвинителниот акт напишан на 79 страници за 23-та обвинети во случајот „Пајажина“.

Обвинителството го товари Рамковски, за основање на 24 фирми во Македонија и странство кои биле раководени од останатите обвинети, негови роднини и блиски соработници. Според обвинението, Рамковски и соработниците преку меѓусебно плаќање невистинити фактури и фиктивни позајмици, вршеле перење пари и избегнувале плаќање данок. Се переле пари преку повеќекратно плаќање на исти веќе претходно платени фактури, и тоа на странски фирми кои според обвинителството биле раководени од злосторничко здружение.

OhridNews
извор :„Макфакс“