Здружението на граѓани “Богојавление” , НУ фестивал “Охридско лето” и Велија Рамковски се годинешните добитници на најпрестижното општинско признание, наградата Патрон на градот- Свети Климент Охридски. 

Како што потенцира претседателот на комисијата за одбележување на празници и манифестации, Виолета Мицковска, основен критериум при носењето одлука кој ќе ја добие наградата бил придонесот кон афирмацијата на Охрид во земјата и пошироко.


На Велија Рамковски наградата му се доделува поради промовирањето на Охрид, чии  мотиви  и природни убавини постојано можат да се видат на најавните шпици на А1 телевизија. Неговата фондација ги подржува речиси сите културни манифестации во Охрид, а го изгради и Мостот на желбите, кој секојдневно го посетуваат голем број гости од земјава и странство, истакна Мицковска. Тоа што наградата му се доделува на Рамковски во време кога се обвинува за финансиски малверзации, таа објасни дека политиката воопшто немала влијание врз носењето на одлуката кои ќе бидат добитниците и дека апликациите пристигнале многу порано, од актуелните случувања околу А1 телевизија.


Како што појасни Мицковска, наградата Свети Климент Охридски му се доделува  и на Здружението на граѓани “Богојавление ” поради организацијата на прославата на празникот Водици и Денот на рибарите, со што се врши голема промоција на Охрид.

НУ фестивал Охридско лето, низ 50- те години на одржување донесе голем број светски уметници преку кои светот го запозна Охрид, рече Мицковска. 

До комисијата пристигнале вкупно 12 кандидатури, од кои две биле отфрлени поради незапазување на условот за тајност и поради тоа што една од кандидатурите за награда аплицирала и за повелба.

Двете годинешни повелби се доделуваат на младата поетеса Христина Аслимовска, за неколкуте издадени книги  и постхумно на Никола Манески, доајенот на охридското новинарство.

Т. Кувенџиска