„Струшкото муфтиство, со пари на пратеникот Фијат Цаноски бесправно гради џамија кај муслиманските гробишта, во центарот на Струга“, обвини градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко. Темелите на џамијата кои биле поставени во неделата се наоѓаат непосредно до седиштето на Европскиот универзитет во Струга чиј сопственик е Цаноски.

„Овој верски објект се гради без никаква дозвола и на место на кое не е предвидена изградба на џамија“ вели Мерко, кој најави дека надлежните инспекциски служби веќе ги презеле потребните законски мерки против иницијаторите на како што рече – „бесправната градба“.

Мерко смета дека изградбата на џамијата нема само верска заднина и дека во случајот е изманипулирана и ИВЗ. Ова е само уште еден во низата притисоци што централната власт ги врши врз локалната самоуправа смета Мерко, според кого бесправната изградба  на џамијата ќе ги наруши добрите меѓуетничките односи во Струга.

Мерко обвини дека во случајот е инволвиран и судијата Ѓетан Кадриески кој го игнорирал барањето на јавниот правобранител за донесување времена мерка за забрана на градба, поради што општината ќе бара од РСС да го преиспита постапувањето на струшкиот судија. Мерко најави дека за случајот ќе бидат запознаени сите релевантни фактори во земјата, надлежните министерства и ИВЗ.


Местото каде (не) се гради новата џамија во Струга

Струшкиот муфтија  Ферат Полиси со кого на негово иинсистирање разговаравме без вклучени микрофони, рече дека со официјален став за случајот ќе излезе за два – три дена откако ќе ја разгледал целата документација. Се правдаше дека не е доволно запознаен со случајот затоа што често патувал во Тетово каде предава социологија и филозофија на државниот универзитет.

Не сакаше да коментира дали изградбата на џамијата започнала бесправно, но рече дека стручкото муфтиство ќе ги почитува сите законски процедури. Тој потврди дека зад изградбата стои струшкото муфтиство и дека инвеститор е пратеникот Фијат Цаноски, но не даде конкретен одговор дали изградбата на џамијата е поддржана од ИВЗ.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски