Пратеникот и екс градоначалник Рамиз Мерко е реизбран за претседател на огранокот на ДУИ во Струга. Тој на изборното собрание на огранокот што се одржа денеска ја доби поддршката од мнозинството делегати.
На Собрабранието присуствуваа 67 од вкупно 85 делегати. Еден ден пред одржувањето на собранието противкандидатот на Мерко, Арбен Лабеништа се откажа од трката за претседател на огранокот на ДУИ, а на собранието не присуствуваа делегатите кои го поддржуваат него.
-Нецивилизирани луѓе, неедуцирана демократија, недостатокот на етички и морални капацитети создава хаос, искористување, обесхрабрување, талог кој ќе ги покрие нашите напори за нашиот национален и општествен живот во иднина, напиша вчера на својот фејсбук профил Лабеништа. Тој најави дека се повлекува од сите функции во партијата, а оставка поднесе и од функцијата заменик министер за одбрана.
Од ДУИ не го коментираа потегот на Лабеништа, ниту оставката на истакнатиот член Хавзи Лика, кој исто така вчера се повлече од пратијата.
Лидерот на партијата Али Ахмети, кој заедно со раководството, министри во владата и видни членови присуствуваше на изборното собрание во Струга, во своето обраќање пред делегатите истакна дека ДУИ е сериозен политички субјект, а не циркуска организација која задоволува лични барања, и партија која има одговорност кон идните генерации. ДУИИ не гради политика од денес за утре туку за наредните децении и ние не сакаме следните генерации да страдаат како нас, им одговори Ахмети на неистомислениците во партијата и политичките ривали.
-ДУИ има создадено вредности како организација и фронт кој се соочува со потешкотии. Тие не доаѓаат само од надвор туку и од незадоволството кое поттекнува од внатре. ДУИ има статут и деловник и тие документи треба да се почитуваат и спроведуваат, но пред се треба да се почитува волјата на базата, бидејќи тајното гласање и волјата на базата се главни постулати да функционира една политичка партија. Да не се лажеме меѓусебно дека ДУИ е изградена како фронт или движење за еднократна употреба. Сам никој не може да направи ништо. Нема сила која ќе ја распарчи ДУИ. Слобода на говор и дебатата никогаш не престанале во ДУИ, никому не му се забранува да говори но тоа треба да го направи овде на Собрание пред нас. – рече Ахмети.
На собранието беа избрани новите тела и органи на огранокот на ДУИ во Струга.
OhridNews