Ова, според министерот за здравство Бујар Османи, е последица главно на ненавременото јавување на лекар и задоцнето отпочнување со третманот. Научно е докажано дека со превенција и рано откривање, смртноста кај ракот се намалува во 30 отсто од случаите.
За три години над 40.000 жени направиле ехо или мамографски преглед во рамки на Програмата за рано откривање, дијагностицирање и лекување на ракот на дојката во Македонија, истакна Османи на трибината што се одржа во рамки на кампањата Октомври-месецот на борба против ракот на дојката.
Тој нагласи дека Македонија е водечка земја во регионот според бројот на прегледани жени во однос на бројот на женско население и една од ретките земји во светот каде Програмата е потполно бесплатна и жените кои сакаат да се прегледаат се ослободени од финансиски трошоци.
– За 2010 година, Министерството за здравство планира да воведе скрининг во повеќе пилот-градови, а подолгорочен план е од 2011 година да почне со спроведување организиран скрининг на територијата на државата со препорачан временски интервал за скринингот од три години за целна група на жени од 50 до 70 годишна возраст.