Еден од најдобрите играчи во македонскиот ракометен шампион Вардар, Тимур Дибиров беше фасциниран од условите, организацијата и стручниот штаб на ракометниот камп на Кирил Лазаров кој се одвива во Охрид.
Рускиот репрезентативец ги водеше тренинзите и ги подучуваше учесниците на кампот кој за прв пат го организира македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров.
– Ако некој требаше да направи ваков потег тоа беше Кирил Лазаров. Кога на некој ќе му кажеш Македонија во ракометот веднаш ти го споменуваат Лазаров. Македонија е препознатлива по неговото име во светскиот ракомет. – рече Дибиров.
Левото крило кој две години е дел од „црвено црното“ семејство смета дека со ваквите кампови се подигнува квалитетот и популарноста на ракометот во Македонија.
– Ракометот во Русија нема третман како тука. Овде сите луѓе се интересираат и пратат додека во Русија е сосема спротивно. Кога пристигнав во Македонија знаев дека има нешто посебно. Сега гледајќи ги сите луѓе како се грижат за децата во кампот сватив зошто сум го одбрал Вардар. – додаде Дибиров.
Во двете сезони одиграни со Вардар летечкото крило со екипата стигнуваше до четвртфиналето и беше на чекор од пласман во фајнл форот.
Фото : Емилио
Мх.П.