Браќата Карабатиќ, Пранди и компанија вечерва во рамки на Лигата на шампиони му гостуваат на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер во Битола, по што екипата на ПСЖ ќе допатува во Охрид, каде ќе ја мине ноќта пред чартер летот од охридскиот аеродром во текот на утрешниот ден.

Како што дознаваме, ракометарите и стручниот штаб на ПСЖ ќе отседнат во хотелот „Тино Св. Стефан“, каде се е подготвено за престојот на трофејните ракометни ѕвезди.

Почестени сме од можноста да угостиме светски познат клуб во нашиот хотел. Подготвени сме да одговориме на барањата на Пари Сент Жермен кои на време ни беа доставени и вклучуваат се што една врвна спортска организација бара. Имаше одредени посебни барања во делот на исхраната, како и за одредени услуги, кои ќе бидат вклучени во краткиот аранжман, изјавија за Oхридњуз од хотелот „Тино Св. Стефан“ во Охрид.

Натпреварот од Лигата на шампиони помеѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ вечерва се игра во 18:45 часот во Битола. Ќе биде тоа ракометен спектакл пред полни трибини, по што француската екипа ќе допатува во Охрид каде кратко ќе престојува во хотелот „Тино Св. Стефан“ пред враќањето дома.

Г.М.