На 28 и 29 декември 2020 година, најдобрите европски ракометари ќе излезат на теренот во Лансекс арената во Келн во битката за ракометниот трон. Актуелниот владетел македонскиот првак Вардар мораше без битка да ја предаде титулата за која ќе се борат Веспрем, Барселона, Кил и Пари Сент Жермен.

По објавата на германската влада, околу новите регулативи за ограничување на ширењето на Ковид-19, кои ќе стапат на сила од 16 декември, Европската ракометна федерација и ЕХФ маркетинг потврдија дека финалните пресметки ќе се играат во безбедна средина и без присуство на гледачи.

Концептот за хигиена, напишан од ЕХФ и ЕХФ Маркетинг и во согласност со наметнатите регулативи, ја гарантира безбедноста на тимовите и сите службени лица и ќе биде строго имплементиран веќе пред почетокот на настанот.

Многу внимателно го следиме развојот на здравствената состојба во Германија. Ние сме во близок контакт со нашите партнери на лице место, како и со локалните здравствени власти и ги следиме сите барања. Кога станува збор за концептот за хигиена, ние користиме искуства на женското EHF ЕУРО 2020 што во моментов се игра во Данска и на кое успеавме да создадеме „балон “за сите играчи со што се штити нивното здравје. – рече првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер.

Управниот директор за маркетинг на ЕХФ, Дејвид Шлезак, додаде: Да се одигра финалето е сигнал до светот на спортот дека настани од таа големина можат да се одржат во безбедна средина. Ние направивме се што е во наша моќ да го гарантираме здравјето и безбедноста на играчите и службените лица. За прв пат, виртуелна реалност ќе се користи на VELUX EHF FINAL4, со технологија со цел да ги приближи навивачите од нивните дневни соби уште поблиску до теренот.

Исто така со цел да им се покаже на играчите поддршка од ракометната заедницата видеата од навивачите ќе бидат прикажани на ЛЕД-екраните за време на натпреварот, како дел од кампањата „Стани виртуелен навивач“.

  • Распоред на натпреварите

28 декември:

18:00 часот Барса – ПСЖ

20:30 часот Кил – Телеком Веспрем

29 декември:

18 часот  Мало финале

20:30 часот Финале

OhridNews