Десеткратниот шампион Вардар, петкратниот првак Металург и дебитантите Охрид и Вардар Јуниор се екипите кои ќе бидат дел од 24-то издание на завршниот турнир во Купот на Македонија кој ќе се одржи в петок и в сабота во спортската арена „Билјанини Извори“.


Охриѓани втор пат во три години ќе можат да уживаат во мајсториите на Дибиров, Тоскиќ, Штербик, Манасков и „лудите“ замисли на Лино Червар, но овој пат ќе учествуваат и охридските ракометари кои сезонава чекорат по историскиот пат.

Самото учество на „гладијаторите“ на завршниот турнир од Купот на Македонија е голем успех и круна на сезонава во која ги поместија границите во охридскиот ракомет.


Ракометарите на Охрид немаа среќа во ждребката и за противник го добија апсолутниот фаворит за трофејот Вардар. Во двете суперлигашки средби Охрид изгуби од европскиот преставник, но не се посрамоти, што ветува борба во „Билјанини Извори“.


Во второто полуфинале кое ќе ги најави ракометните возбудувања во Охрид, момците на Пепи Манасков ќе го предизвикаат составот на Металург.

Полуфиналните мечеви се на програмата во петок 17:30 и 20 часот додека финалето ќе се одигра в сабота во 17:30 часот.

Михаил Постоловски